ПОДДРШКА ЗА 90 ПЕНЗИОНЕРИ ВО ЦЕНТАР Продолжува проектот „Сервис за стари лица“
Право на користење имаат лица над 62 години во Центар, кои имаат пензија до 35.000 денари или се корисници на социјална помош.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска го посети корисникот на проектот „Сервис за стари лица“, 84 годишниот Христо Станковски, со што и официјално почна реализацијата на услугата за оваа година, информираат од Општина Центар.
Преку проектот „Центар се грижи за возрасните“ , што се реализира во соработка со Здружение за развој и поддршка „Хуманост“, опфатени се 90 повозрасни граѓани од Центар на кои им е потребна нега и поддршка во домашни услови.
– Со оваа услуга излегуваме во пресрет на нашите повозрасни центарци со цел да бидат функционални и полесно да се справуваат со секојдневните обврски. Со помошта на стручните лица, физиотерапевти и негуватели им обезбедуваме на нашите сограѓани подобри пензионерски денови и полесна старост – истакна градоначалникот Герасимовски.
Општина Центар информира дека сè уште има слободни места за овој проект и дека заинтересираните можат да аплицираат од 1 до 15 секој месец во Архивата на Општина Центар, во период од 8 до 15 часот.
Право на користење имаат лица над 62 години кои имаат пензија до 35.000 денари или се корисници на социјална помош.