ПОДДРШКА ОД УНИ БАНКА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ СКИЈАЧИ Заедно можеме да создадеме нови шампиони, велат од Скијачката федерација
Скијачката федерација на Македонија соопшти дека УНИ Банка АД Скопје стана нејзин стратешки партнер, чија поддршка е од исклучително значење за развојот на скијачкиот спорт во нашата земја.
– Продолжувањето на ова партнерство претставува не само финансиска поддршка, туку и вистински пример за општествено одговорно делување кое остава траен белег врз спортската сцена во Македонија. Нивната поддршка создава оптимални услови за нашите спортисти, овозможувајќи им пристап до подобра инфраструктура, опрема, тренинг-кампови и подготовки, како и учество на меѓународни натпревари каде што ја претставуваат државата – велат од Скијачката федерација.
Ова партнерство не само што придонесува кон индивидуалните успеси на скијачите, туку и кон афирмација на македонското скијање на светската сцена, каде што нашите натпреварувачи сѐ повеќе се истакнуваат со своите резултати.
– Благодарение на партнерството со УНИ Банка, македонското скијање добива поддршка која е фундаментална за нашиот спортски раст и за успехот на нашите натпреварувачи. Ова спонзорство е уште една потврда дека заедно можеме да ги унапредуваме зимските спортови во Македонија и да создадеме нови шампиони. Искрено ја цениме посветеноста и довербата што УНИ Банка ја покажува кон македонското скијање – додаде Дејан Пановски, претседател на Скијачка федерација на Македонија.
Договорот за спонзорство беше свечено потпишан помеѓу Скијачката федерација на Македонија и УНИ Банка, како продолжување на досегашната соработка и заедничката визија за развој на зимските спортови.
Во знак на искрена благодарност за континуираната поддршка и значајниот придонес кон македонското скијање, Скијачката федерација на Македонија ѝ додели посебна благодарница на УНИ Банка за време на неодамна одржаниот Шарпланински куп. Ова признание е симбол на успешната соработка и посветеноста на УНИ Банка кон спортот и младите таленти, кои преку ова партнерство добиваат подобри услови за напредок и претставување.
– УНИ Банка АД Скопје докажа дека верува во македонскиот спорт и во потенцијалот на нашите скијачи. Овој ангажман е јасен показател за посветеноста кон спортската заедница и придонесот кон создавање на услови за долгорочен развој и просперитет во зимските спортови – додаваат од Скијачката федерација.