ПОДДРШКА ЌЕ ДОБИЈАТ ПАРТИИТЕ ШТО ЌЕ ЈА ПОДОБРАТ ЕКОНОМИЈАТА Истражување на НДИ покажа дека граѓаните се загрижени поради намалениот животен стандард

Економските прашања се сè поважни за граѓаните на Северна Македонија, поради инфлацијата и зголемените трошоци за електрична енергија, соопшти Националниот демократски институт, по последното истражување на јавното мислење.

244

За да се зајакне одговорното и транспарентно управување, Националниот демократски институт спроведе (НДИ) истражување на јавното мислење од 13 од 24 април 2023 година и ги сподели наодите со лидерите на јавното мислење, за да добијат информации за креирањето на јавните политики.

58% од анкетираните граѓани се многу загрижени за намалениот животен стандард, ниските плати и за ниските пензии. Четири од десет испитаници трошат најголем дел од семејниот буџет (над 60%) на храна. Речиси половина од населението (48%) велат дека често или повремено имаат тешкотии да ги платат сметките на крајот од месецот, при што граѓаните со понизок социо-економски статус (89%) и оние кои живееат во рурални населени места (53%) имаат поголеми потешкотии да ги покријат трошоците за живот.






Испитаниците се песимисти за иднината, речиси 40% веруваат дека економската состојба, животниот стандард и висината на платите и пензиите ќе се влошат во наредните 12 месеци.

Седум од десет анкетирани граѓани (71%) ги поддржуваат партиите кои имаат дефиниран план за подобрување на економската состојба.

„Граѓаните на Северна Македонија се загрижени за намалениот квалитет на живот, а мнозинството граѓани ќе ги поддржат политичките партии кои имаат економски план што ќе помогне да се подобри животниот стандард и да се понудат економски можности“, рече Роберт Скот Хејзлет, виш резидентен директор на НДИ во Северна Македонија.

Речиси една третина од граѓаните (28,7%) сметаат дека намалувањето на вкупната потрошувачка е решение за надминување на сегашната економска криза. Покрај тоа, огромно мнозинство граѓани (91%) сметаат дека зголемувањето на цените е најголемата закана за нивната финансиска состојба и предлагаат владата да даде приоритет на „ценовната стабилност“.

Граѓаните ги поддржуваат владините одлуки за зголемување на минималната нето плата (72%), замрзнувањето на цените (речиси 83%) и ограничувањето на профитот на основните прехранбени производи (68%). Мнозинството граѓани (67%) сметаат дека владата треба да продолжи со субвенциите за прехранбените производи и на сметките за електрична енергија (48%), како ефикасна мерка за ублажување на негативните ефекти од кризата.

Се смета дека неодамнешната антикризна кампања има ограничен досег, бидејќи значителен дел од граѓаните (39%) не се информирани за повеќето од мерките, особено граѓаните со понизок социо-економски статус. Додека повеќе од една третина од потрошувачите (38,7%) не се запознаени со нивните права како потрошувачи, 56% не се свесни дека постојат програми за заштита на потрошувачите.

Позагрижувачки е податокот дека над половина од потрошувачите (54%) не им веруваат на давателите на услуги, ниту на судството (71%) во случај на спор околу трансакција со компанија.

Националното репрезентативно теренско истражување лице в лице, нарачано од НДИ, со маргина на грешка +/- 3,09 процентни поени на 95% ниво на доверба, е извршено на примерок од 1003 испитаници на возраст од над 18 години. Истражувањето на јавното мислење било спроведено од ТИМ Институт и финансирано од Националната фондација за демократија.

Поврзани содржини