Ѝ ПОДАВАМ РАКА НА ЛЕВИЦА, НАШАТА ВРАТА Е ОТВОРЕНА Мицкоски нуди формална, ама прифаќа и неформална коалиција
Протесните гласови, гласовите против коалицијата на власт се во поголем број и се најмалку два пати поголеми од оние кои ја поддржуваат коалицијата на СДСМ, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Стратезите за комуникации на СДСМ да прецизираат кон кого е наменета изјавата на премиерот Зоран Заев за обединување против злото, рече денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Навистина не знам за кого е наменета дефиницијата за зло и кој е зло во државава. Треба претпоставувам да биде таа метафора малку појасна за да не ги збуни гласачите коишто сакаат да гласаат за СДСМ, бидејќи вака се збунети и не знаат кој е зло во државата. Јас нема да преудицирам и да ги читам мислите на стратезите за комуникација со јавноста на СДСМ, но нив ќе ги прашате најпрвин кој е злото во државата, да излезат со јасен став, вака делува збунувачки за граѓаните. Дали имало поткуп и нерегуларности ние кажавме бројни поткупи, бројни нерегуларности, притисоци, закани, уцени, но во најголем дел од општините тие не успеаја, бидејќи народот излезе и народот гласаше против оваа регресивна политика во изминатиот период, против криминалот, корупцијата, поразите во здравството образованието, политичарите кои што буквално со својата надменост создаваа еден вид фрустрација и ги иритираа граѓаните – нагласи Мицкоски.
Тој истакна и дека големата поддршка во првиот круг го обврзува и него како човек и тие кои се избрани да работаат за граѓаните и не смеат да го разочараат народот.
– Ние имаме голема обврска да се разбереме, ваква поддршка уште во првиот круг за опозицијата е историски незапаметена, 22 градоначалници во првиот круг со огромна шанса таа бројка да достигне и до 50. Ова обврзува, и мене како човек и тие кои што се избрани и не смееме овојпат да го разочараме народот. Без разлика каква е стратешката комуникација на СДСМ и на нив и на народот им не јасно дека и вториот круг за нив нема да биде онака како што тие го очекуваат. Ние веќе размислуваме за денот потоа. Ние веќе размислуваме за следната цел, а тоа е да направиме од Македонија она што го зборувам, пристојно место за живеење, ние го почнуваме проектот „Обнова на Македонија“ и тоа е сега веќе нашата цел, јас сум свесен за тоа што го чека нашиот политички противник, внатре во нивната структура и така натаму веднаш после овие избори, но верувајте, нашата концентрација е целосно концентрирана на денот после 31 октомври. Мораме на народот да му ја вратиме вербата. Мораме народот да го охрабриме, народот ни е обесхрабрен и разочаран, мораме да го убедиме народот дека можело и поинаку и дека можело да се работи за народот. Одговорот на избори за поткуп, притисоци, закани, уцени е само со масовна излезност – заклучи Мицкоски.
Инфлацијата е катастрофална иако тоа владата не го признава, додаде Мицкоски.
– Според меѓународниот монетарен фонд ние ќе имаме најголема инфлација во регионот – изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски додаде дека оваа влада ги исцрпи сите капацитети и можности кои ги имаше на располагање, затоа за да се спаси државата треба да се повлечат од институциите кои ги раководат и на тој начин ќе остават простор на луѓе кои се компетентни.
– Тука на пазарот видовме и слушнавме дека цените одат нагоре, а куповната моќ на граѓаните оди надолу. Инфлацијата е факт и единствен лек за да се спречи е овие луѓе кои сè уште се во институциите да ги напуштат истите – изјави Мицкоски.
Мицкоски истакна дека власта не само што не е способна да се справи со инфлацијата во Македонија, туку не е способна да се справи и со енергетската криза која ни претстои.
Тој посочи дека вратата на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата е широко отворена за Левица и за сите други граѓани и партии.
– Јас ја отворив широко вратата и на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата „Обнова за Македонија“. Секој оној кој сака да види во една напредна, чесна, честита Македонија, во која ќе има напредна економија, во која нема да броиме починати од ковид-19, неговото место е овде. Со политичари кои ја направија Македонија најкорумпирана, со најмногу починати од корона, тоа се регресивни политичари и затоа ги повикувам сите без разлика дали се леви, десни, конзервативни, центар, либерални, да ни се придружат во овој нов блок за Македонија за сите луѓе – рече Мицкоски.
Мицкоски информираше дека е подадена рака и кон Левица и оти остава тие да одлучат.
– Нашата рака е подадена, оставам тие да изберат каква сакаат соработка со блокот дали тоа ќе биде во рамки на формална коалиција, дали ќе ги поддржат кандидатите, оставам нека одлучат тие. Протесните гласови, гласовите против коалицијата на власт се во поголем број и се најмалку два пати поголеми од оние кои ја поддржуваат коалицијата на СДСМ. Затоа местото на гласачите на Левица е во најголемата коалиција и ги повикувам да дадат поддршка за да ја направиме Македонија пристојно место за живеење – рече Мицкоски.
Тој рече дека во текот на вчерашниот ден разговарал со Африм Гаши и го поканил да биде дел од новото мнозинство во општините каде ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата имаат мнозинство.
– Утре ќе се видам и со Зијадин Села. Дополнително ги повикувам сите да се приклучат во оваа најголема коалиција и да работиме со и за народот – заклучи Мицкоски.