Под живковистичкото „едно небо“ нема место за „удбаши“
Во една прилика големиот Мирослав Крлежа има кажано дека Србите и Хрватите се едно исто гомно, кое тркалото на историјата го има поделено на пола. Тоа претпоставувам може да се каже за сите јужнословенски народи. Тоа дека сите сме едно гомно, само со различна историја.
Дали Македонците се продукт на Коминтерната (комунистичка интернационала)? Дали комунистите ги создале Македонците и дали македонската историја и нација се креација на југословенската тајна полиција, попозната како Управа за државна безбедност или колоквијално наречена – УДБА?
Оваа теза, којашто денеска ја застапуваат најголемиот дел од официјалните претставници на Бугарија, за прв пат е поставена од Тодор Живков, лидерот на комунистичка Бугарија и човекот во чие владеење се исчезнати Македонците во Бугарија. Да, пред Живков во Бугарија опстојува македонско малцинство, кое ужива малцински права. Денеска речиси и да нема декларирани Македонци кај нашиот источен сосед.
Затоа треба да се биде внимателен кога во контекст на решавањето на спорот што денес го имаат Бугарија и Македонија, се предлага некакво наше соочување со „удбашкиот период“. Да, токму тоа го побараа група граѓани и интелектуалци од Македонија, кои се потпишаа на отвореното писмо упатено кон премиерите на Македонија и Бугарија, предупредувајќи ги да не бидат заложници на политиките поставени во периодот кога од двете страни на границата власта ја држат недемократски режими.
„Не треба да се дозволи да нè поделат гласовите на поранешните агенти на Државната безбедност и УДБА, научници и јавни личности кои соработувале со тоталитарните режими кои дејствуваат против интересите на двете земји. Ваквите луѓе инволвирани во наметнување на спротивставување и поделеност во политиката не треба да бидат дел од институционалниот и социјалниот дијалог меѓу двете држави и двата народа“, се наведува во писмото, испратено од граѓанското здружение за бугарско-македонско пријателство „Под едно небо“, заедно со Институтот за балкански перспективи, Бугарскиот културен клуб – Скопје и Бугарско-македонската стопанска комора.
Во писмото се збoрува и за постојаните обиди на екстремните националисти во двете земји да го нападнат преговарачкиот процес. „Нивниот пристап до јавните бугарски и македонски медиуми е особено загрижувачки, каде постојано сеат меѓусебна недоверба и омраза, настојувајќи да ги поткопаат новите напори за промена кои се во зародиш. Авторите на писмото зад ваквите постапки ги гледаат пипалата на поранешните агенти на Државната безбедност и УДБА, од кои некои во јавниот простор изложуваат стари и лажни идеолошки пароли, кои звучат примамливо, но се штетни за добрососедските односи“.
Интересно е што само ден претходно, во медиумите се појави и колумната на бугарскиот професор Ивајло Дичев, познат по своите „модерни“ ставови во изнаоѓањето на решение за проблемите врзани со историјата. Дичев, исто како и нашите интелектуалци се залага за надминувањето проблемите со модерни аршини, негодувајќи дека ни Бугарите, ни Македонците не се подготвени да се соочат со минатото. Но, за разлика од Бугарите, според Дичев, Македонците треба да се соочат со нешто многу поделикатно.
„Доколку постои проблем со историјата, тој е поврзан со профашистичкиот режим во Бугарија- соучесник во злосторствата на нацистите и раниот период на југословенскиот комунизам, кога бројни Бугари во југословенска Македонија биле присилно асимилирани“, пишува Дичев.
Значи, Бугарија треба да се соочи со документираниот фашизам, со нешто што е непријатна вистина, но е неприкосновен факт. Додека, пак, Македонија, според Дичев, треба да се соочи со асимилирањето на Бугарите во периодот на раниот југословенски комунизам?!
Прво се спомнува раниот комунизам и асимилирањето на Бугарите – иако веќе рековме дека од другата страна на границата во тој период живеат Македонци кои се брутално асимилирани – за ден подоцна да се упати апел до премиерите на двете држави да се откажат од комунистичото минато, бидејќи пипците на Државната безбедност и на УДБА можеле да се видат постапките на модерните националисти.
Убави тие на Тодор Живков!
За време на фашистичката окупација на Македонија, во делот кој е управуван од Бугарија, се направени бројни злодела. По ослободувањето е воспоставена народна власт предодена од Комунистичката партија на Македонија, која во првите години воспоставува строг режим. Припадниците на тајната полиција (до 1946 година ОЗНА, која потоа се дели на УДБ и КОС) прават бројни пречекорувања на своите задолженија, како и поголем број на кривични дела кои останале неказнети. Сепак, ние немаме право да утврдиме дека агентите на УДБА ја создале македонската нација за да ги асимилираат Бугарите. Не смееме да утврдиме дека Македонија е чедо на Коминтерната или копиле на Резолуцијата на информбирото.
Тоа, едноставно, не е вистина!
Наредната недела бугарскиот премиер Кирил Петков ќе ја посети Македонија, за да ги претстави сопствените замисли со кои сака да ги забрза, но и да ги олесни прегеворите меѓу двете земји, во поглед на спорот со кој се кочат нашите евроинтеграции. Петков смета дека не треба да се разговара само за историјата, туку дека акцент во преговорите треба да стави на економските, инфраструктурните и на културните прашања и врски, кои ќе ги обединат двете земји.
Премиерот во Скопје се очекува да го пречека Димитар Ковачевски, кој би требало да ја состави владата во наредните неколку дена и спремно да се зафати за проблемот, за кој малкумина сметаат дека постои решение. Зошто? Зашто Македонија и Бугарија немаат спор за економијата или културната размена, туку проблемот е во тоа што Бугарите на Македонците гледаат како на фиданки на својот народ, кои по скитањето по беспаќето на историјата, сметаат дека е редно време да се вратат дома. Во Бугарија, во рамките на бугарската нација.
Баш би сакал да видам како ќе изгледа компромисот за овој спор, бидејќи, нели, сите преговори завршуваат со некаков компромис. Дали ќе завршиме како Бугари до пола и во ЕУ ќе влеземе како цели Македонци?
Во една прилика големиот Мирослав Крлежа има кажано дека Србите и Хрватите се едно исто гомно, кое тркалото на историјата го има поделено на пола. Тоа, претпоставувам, може да се каже за сите јужнословенски народи. Тоа дека сите сме едно гомно, само со различна историја.