Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва во гостување во централниот дневник на Сител телевизија рече дека треба да се локализира изворот на проблемот со Бугарија.
Во однос на референдумот, тој информираше дека има можни три опции и во тек се консултации со коалициите.
– Една од опциите за референдум е со 44 пратеници од пратеничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Втората опција е да се соберат 150.000 граѓански потписи или да се вклучат двете опции заедно. Ќе одиме на Седница на извршен комитет, повеќе време ќе се посвети во консултации со експерти околу дефинирање на референдумското прашање, а потоа ќе се одбере една опција. Во прашањето ние треба да го локализираме изворот на проблемот, а тоа е договорот со Бугарија од 2017 година. Оттаму потекнуваат сите проблеми – вели Мицкоски.
Тој рече дека шефот на државата Стево Пендаровски конечно го констатирал тоа што тој го најавил, а тоа е дека во моментот под овие околности ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка на промена на Уставот, а со цел вклучување на дел од бугарскиот народ во Преамбулата – нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски посочи дека договорот не се гледа низ партиска диоптрија туку низ македонска.