Под Јорган планину
Во договор со Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, Плусинфо повремено ќе преобјавува делови од негови колумни објавени во дневниот весник „Дневник“. На тој начин, освен што ќе ги освежиме сеќавањата на овој исклучителен интелектуалец, сакаме да придонесеме и за активностите на Фондацијата која го продолжува неговото благородно дело.
РЕПРИНТ (Објавено во „Дневник“ на 03.08.2000 година)
Едно време, во комунизмот, доста често се раскажуваше еден духовит болгарски виц: некој човек имал работа во владата (таму тоа се вика “правителство”) и, од раното, пошол да си ја сврши. Бирократијата го теркала од едно одделение во друго, од една соба во друга, од еден шалтер на друг. Работното време минало, а човекот никаква работа не свршил. Во еден момент, на излегување, сиот изнервиран опцул: “Да еба това правителство!”. Арно ама, го чул некој од државната безбедност: “Зашто псуваш ти бе нашето правителство?”, му се озабил, а човеков, притеснет (знаејќи што го чека), фатил да се вади: “Ама, моља ви се, другарју, аз не псувам нашето правителство, аз псувам … (и туку му текнало) – аз псувам англијското правителство!”. Агентот слатко се насмеал: “Мен ли бе намери да ме правиш мајмун! Аз не с’м знал кое правителство е за псуване!?”.
По слична логика, на просторите од нашата некогашна заедничка татковина беа судени илјадници луѓе за нешто што новинарите го викаа “вербален деликт”, а што, всушност, беше “деликт на мислење”. Ги судеа не за она што го рекле, туку за она што го мислеле кога нешто рекле. Антологиски пример за тоа беше оној српски поет (“Волнени времиња”), кој доби една година затвор само затоа што белградското јавно обвинителство со стонастотна сигурност знаеше дека неговиот израз “стаорецот од Дедиње” значи само и единствено – Тито. (Немам иформации за тоа дали некој во Србија заглавил во затвор кога, по првите повеќепартиски избори, кои ги загуби Вук Драшковиќ, се јави една извртена верзија на познатата српска народна изрека “Појео магарац Вука!”).
Долго војував против тоа легислативно чудовиште. Будала, каков што ме дал Господ, цврсто верував дека социјализмот (тој убав проект на општество на еднакви) може да се поправи само ако на луѓето им се дозволи да го кажат слободно, неказнето, она што го мислат.
Еден ден, во разговор со еден помлад колега (кој, кутриот, го беа избрале за гласноговорник на правоверните комунисти, а тој, војник на партијата, очигледно не можеше да работи поинаку), со сета сериозност му реков: “Слушај Владо, биди сигурен дека еден ден ќе живееме во држава во која луѓето нема да ги казнуваат за изразено мислење. Во тоа сум сигурен исто колку што сум сигурен дека се викам Ѓорѓи Марјановиќ. Кога ќе биде тоа, не знам. И не сум многу нестрплив да дознаам. Нестрплив сум, меѓутоа, да го дочекам денот кога ти ќе ми објаснуваш зошто во оваа земја не ни треба никаква непријателска пропаганда”.
Целата колумна прочитајте ја на следниот ЛИНК.
***
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок!
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга, како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, не се продаваат на „традиционален“ начин. туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од стратешките определби на Фондацијата.
Инструкции за нарачување За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај на следниот ЛИНК и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, а книгите заедно со автограм од авторот ќе Ви бидат доставени на Вашата домашна адреса. Забелешка: Можете да донирате износ по Ваш избор, но не помал од 1000 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, контактирајте ја Фондацијата претходно.