ПОД ИСТРАГА СЕ 45 ЛИЦА, ЗА 4 СЕ БАРА ПРИТВОР, ЗА 6 КУЌЕН ПРИТВОР Меѓу новоосомничените за пожарот во Кочани се и државни службеници и инспектори
Дополнително, како што вели државниот јавен обвинител, за случајот со трагедијата во Кочани се води истрага и против седум полициски службеници.
Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот „Пулс“ во Кочани, информира државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на денешната заедничка прес-конференција со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој прецизира за случајот на кој работат 13 обвинители досега е поведена истрага кон 47 физички и три правни лица. Едно од физичките лица во меѓувреме почина и против него истрагата ќе биде прекината. Дополнително, како што кажа, се води истрага и против седум полициски службеници.
Истрагата, вели Коцевски, е проширена за уште 19 осомничени лица, од кои за 4 осомничени е предложена мерка притвор, за 6 осомничени мерка куќен притвор во комбинација со забрана за остварување комуникација, додека за уште осуммина се предложени мерки за претпазливост. Коцевски порача дека истрагата ќе биде максимално ефективна и дека ќе ги даде посакуваните ефекти.
Тој откри дека меѓу осомничените се двајца државни секретари, министер за економија и три службени лица кои работеле во сектор за угостителство и туризам кои работеле во Министерството за економија. Коцевски вели дека тие овозможиле „Пулс“ да добие лиценци и незаконски да продолжи да врши угостителска дејност.
Од Дирекцијата за заштита и спасување, осомничени се три лица, бидејќи низ годините ниту еднаш не спровеле мерки на набљудување, следење и инспекциски надзор, рече Коцевски.
– Со своето неизвршување на должностите, спротивно на јавниот интерес, граѓаните ги изложиле на опасност по нивното здравје и живот – додаде Коцевски.
Четири инспектори од Пазарна инспекција се исто така осомничени, додаде Коцевски, велејќи дека проверки за директорите на Пазарната инспекција продолжуваат, бидејќи во нивни мандат работел клубот со фалсификувана лиценца, „како и други лиценци кои се проверуваат“.
Министерот Тошковски посочи дека во насока на расветлување на правно-кривичниот настан Министерството за внатрешни работи презеде низа активности со кои покажа дека законот важи за секој што ќе се огреши, а при тоа да се собрани соодветни докази.
– Ќе продолжиме и понатаму да преземаме активности за секој што ќе бидат собрани докази – рече Тошковски.