„ПОД ЈАСТУК“ ЧУВАЈТЕ 70 ЕВРА ПО ВОЗРАСЕН И 30 ПО ДЕТЕ Холанѓаните добија шокантно предупредување од централната банка
Според банката, овие пари треба да се користат за набавка на неопходни продукти како храна, вода, лекови и за трошоци за превоз.
Централната банка на Холандија им упати препорака на граѓаните да чуваат готовина дома – доволна за покривање на основните трошоци во период од три дена – поради зголемениот ризик од кибер напади и можни прекини во електронските системи за плаќање.
„Секое домаќинство треба да има кеш резерва од најмалку 70 евра по возрасен и 30 евра по дете“, објави институцијата, посочувајќи дека во вонредни состојби готовината може да биде единственото средство за размена.
Според банката, овие пари треба да се користат за набавка на неопходни продукти како храна, вода, лекови и за трошоци за превоз.
Според весникот Политико, ваквото предупредување доаѓа во услови на растечка геополитичка тензија, при што веројатноста за сајбер напади станува сè поизразена. Централната банка посочува дека граѓаните треба да бидат подготвени доколку банкарските системи, терминалите за плаќање со картички или мобилните апликации престанат да функционираат.
Дополнително, на трговците им се препорачува да развијат алтернативни начини на наплата, како што се плаќања со QR-кодови, за да можат да продолжат со работа и во услови на прекин на дигиталните платформи.
Овие мерки се дел од поширока стратегија за итни случаи на Европската комисија, објавена во март годинава. Планот предвидува граѓаните на земјите-членки да имаат и основни залихи од храна за три дена, во случај на природни катастрофи, воени состојби или други кризи.