Почнува уписот на првачиња во Карпош
Од оваа година, доставувањето на документи може да се прави и по електронски пат, со цел да се намали метежот по образовните установи, но и да се избегне групирање и ширење на вирусот ковид– 19.
Почнува уписот на деца во прво одделение, во сите десет основни училишта, за учебната 2021/2022 година, информира Општината.
Во општина Карпош, запишувањето на новите ученици ќе се одвива во две фази: Доставување на потребни документи до училиштето, по електронски пат на uslugi.gov.mk или директно до Комисијата за упис на деца во I одделение (составено од секое основно училиште); Средба (разговор) со детето, на закажан термин во согласност со Протоколот за упис на ученици.
– Од оваа година, доставувањето на документи може да се прави и по електронски пат, со цел да се намали метежот по образовните установи, но и да се избегне групирање и ширење на вирусот ковид– 19. Физичкото присуство останува како задолжително за да се спроведе интервјуто со ученикот кој се запишува. Сепак, генерално, ако дозволуваат временските услови, овие разговори ќе се спроведуваат во отворените еко – училници на сите училишта – велат од Општина Карпош.
Од таму апелираат сите чинители во процесот (наставници, деца, родители, административно – технички кадар) на зголемена претпазливост при работењето и грижа за заштита на јавното здравје.