📷 ПОЧНУВА СУДСКИОТ ПРОЦЕС ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ Судењето ќе се одржува во новата судница во Идризово
Обвинение е покренато против 34 физички и 3 правни лица кои се товарат за Тешки дела против општата сигурност во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Роднини, новинари, полицајци, адвокати, обвинители се собраа утрово пред судницата во Идризово каде денеска почнува судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи на 16 март 2025 година и во кој загинаа 63 луѓе.

Со полициски комбиња беа донесени неколкумина од обвинетите што се наоѓаат во притвор.
Обвинение е покренато против 34 физички и 3 правни лица кои се товарат за Тешки дела против општата сигурност во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во пожарот загинаа 6 малолетни лица, 210 лица беа повредени, од кои 156 потешко.

На обвинителната клупа во скопскиот Кривичен суд ќе седнат сопственикот на дискотеката, проектанти, инспектори, поранешни градоначалници на Кочани, поранешни министри и други. На сите им се заканува казна затвор од 3 до 20 години, затоа што пропуштале да спроведат надзори и контроли и на тој начин дошло до катастрофалните последици.

Процесот ќе го води судијката Диана Груевска Илиевска, а обвинението ќе го застапуваат 15 обвинители. Судењето ќе се одвива во новата дигитализирана судница во рамките на затворот Идризово, која има капацитет за вакви судења со голем број обвинети, оштетени и заинтересирана јавност.
