ПОЧНУВА СКОПСКИОТ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ Еве кои музички имиња ќе настапат

На Програма плус денеска (15 октомври) во МКЦ Кино Фросина од 20 часот ќе се прикажува документарниот филм „We want the Funk!“, а на 18 октомври од 17 часот ќе се прикажува „Sun Ra: Do the Impossible“.

124

Утре (16.10.2025) започнува 44. Скопски џез фестивал кој ќе трае до 19 октомври. Организаторите најавуваат исклучително богата и квалитетна програма. Сите концерти ќе се одржуваат во Националната опера и балет, а придружната програма, проекциите на документарните филмови во Кино Фросина, МКЦ.

Билетите се во продажба онлајн на mktickets.mk а пред самите концерти и на билетарницата на НОБ.






На Програма плус денеска (15 октомври) во МКЦ Кино Фросина од 20 часот ќе се прикажува документарниот филм „We want the Funk!“, а на 18 октомври од 17 часот ќе се прикажува „Sun Ra: Do the Impossible“.

На 16 октомври од 20 часот ќе настапи Аndrzej Jagodziński Trio. Еден од најдобрите полски пијанисти, композитор и аранжер, Анджеј Јагоѓински е роден во 1953 година. Тој дипломира во класата по француска хорна на Музичката Академија Фредерик Шопен во Варшава. Уште како студент свири во оркестарот на Полската радио телевизија, за подоцна целосно да им се посвети на пијаното и џезот. Следуваат соработки со најеминентните полски џез музичари од ’80-те, како Збигњев Намисловски, Јануш Муњак, Томаш Шукалски, Јан „Пташин“ Вроблевски и Јарек Шмјетана, и настапи низ целиот свет. Своето трио го формира во 1993 заедно со Адам Цегелски на контрабас и Чеслав Бартковски на тапани. Една година подоцна следува главниот пресврт во неговата кариера – изданието “Chopin”, уникатен албум со композиции на големиот Фредерик Шопен во џез аранжмани. Огромниот успех го отвора патот за “Chopin Once More” од 2000-та, албум со златен тираж. Соработката на Анджеј Јагоѓински со италијанскиот пијанист Џовани Мирабаси повторно го поставува Јагоѓински на светските сцени, а нивниот “Mirabassi & Andrzej Jagodziński Trio” е еден од најпродаваните албуми во Јапонија во 2003 година. Поради тоа, следниот проект “C-minor” од 2006-та, добива и јапонско издание. Анджеј Јагоѓински долги години предава на Џез одделот на Државниот музички комплекс во Варшава, а во 2005 во својата Полска го добива Gloria Artis орденот за заслуги во културата.

На 16 октомври од 22 часот во НОБ ќе настапи National Jazz Orchestra with Sigi Feigl & Luis Bonilla. Уметничката зрелост, експресивноста и доследната посветеност на негувањето на џез традицијата за кратко време го вброија Националниот џез оркестар меѓу највлијателните биг-бендови на Балканот. Официјалниот статус како Национална институција го добива во 2024 година, но музичката традиција што стои зад него се темели на долгогодишна работа, започнувајќи со биг-бенд концертите во 2016 година. Под уметничкото водство на истакнати диригенти и композитори како Зиги Фајгл, Владимир Николов и Џијан Емин, оркестарот создава уникатен и современ звук и соработува со реномирани светски музичари како Курт Елинг, Марија Мендеш, Дони МекКаслин и Џон Рајли. На џез фестивалот оркестарот ќе настапи под водство на австрискиот диригент Зиги Фајгл, а гостин солист ќе биде Луис Бониља. Фајгл важи за еден од најистакнатите фигури во европскиот џез и пионер во развојот на биг-бенд музиката и џез образованието. Соработувал со великани како Арт Фармер, Боб Брукмаер и Тутс Тилманс и е професор и раководител на Џез академијата во Грац. Во Грац живее и работи и Луис Бониља, меѓународно признатиот американски тромбонист со богата и долга музичка кариера. Како ученик и соработник на Лестер Боуви, тој настапувал во неговата легендарна група Brass Fantasy.

На 17 октомври од 20 часот на програмата е Marc Ribot: Map of a blue city. Марк Рибо е роден во Њуарк, Њу Џерси во 1954-та година, а музичкиот пат го започнува под менторство на хаиќанскиот композитор и гитарист, Франц Касеус. По преселбата во Њујорк на крајот на ’70- те, Марк Рибо нурка длабоко во музичката ризница и се позиционира како извонреден гитарист. Меѓу соработките од оваа ера се оние со Launge Lizards, Брадер Џек Мекдаф, Вилсон Пикет, Чак Бери… Во 1985-та со Том Вејтс и неговиот култен “Rain Dogs” успеваат да отворат сосема ново поглавје во американската музика и веќе не постои никаков сомнеж за неговата беспрекорна иновативност. Рибо е забележан како учесник во речиси 600 изданија, импозанта бројка во која се вклучени и преку 25 негови лични проекти, секој влијателен на свој начин. Ретки се артистите со олку плодно резиме во кое се наоѓаат и групите со Роберт Плант и Алисон Краус, Елвис Костело, Дајана Крол, Мариса Монте, Арто Линдзи, Каетано Велосо, Нико Кејс, Соломон Берк, Џон Зорн и многу, многу други. Неговиот последен соло проект, “Map of a blue city” Марк Рибо го живее речиси 30 години. И ова е првата плоча која целосно гравитира околу неговото пеење. Албумот е синтеза на повеќе правци: традиционална американска музика, блуз, боса нова, ноу вејв, нојз и фри џез. Сѐ во една совршена целина која наиде на фабулозни реакции како од обожавателите, така и од критиката.

На 17 октомври од 22 часот ќе настапи Kahil El’Zabar’s Ethnic Heritage Ensemble. Кахил Ел Забар преку пет децении е еден од најпрогресивните артисти на реномираната импровизаторска сцена на Чикаго. Како член на иновативната организација AACM (Association for the Advancement of Creative Musicians), на чие чело беше неколку години, тој е учесник во долга низа на успешни проекти. Ethnic Heritage Ensemble го основа во 1974-та. Со својот состав во кој учествувале плејада врвни артисти, тој дополнително ги истражува врските меѓу афро-американската музика, пред сè џезот, со потрадиционалните африкански инструментации и ритми. Дефинициите од типот – „спиритуално” и „импровизаторско” недоволно го опишуваат мултидимензионалното, возбудливо, образовно и прогресивно јадро на неговиот опус. Едноставно, ова е црнечка музика во својата најчиста форма. Минатата година, aнсамблот ја прослави својата 50-годишнина со албумот “Open Me, A Higher Consciousness of Sound and Spirit” кој наиде на одличен прием. Тука, Ел Забар нуди спиритуален амбиент, но и опуштен свинг кој во ниеден момент не го губи грувот. Во неговото резиме, меѓу другите, вбројани се соработки со Дизи Гилеспи, Дон Чери, Арчи Шеп, Кенонбол Адерли, Нина Симон, Стиви Вондер, Дејвид Мареј.

На 18 октомври од 20 часот настапува Аfter the Wildfire Quartet. „After the Wildfire“ е дело што е нарачано специјално за Скопскиот џез фестивал. Светската премиерата се случи во 2023-та, како концерт со оригинални композиции и изведби на Арве Хенриксен и Јан Банг и со Емин Џијан како оркестратор и диригент на Фејмс Институт оркестарот. Во настапот учество зедоа и повеќе македонски солисти. Критиката оцени дека “After the wildfire” покажува уметничка издржаност и мајсторство кое не е брзоплето составено, туку внимателно промислено. Беше истакната извонредна умешност и емотивна длабочина на музичарите, притоа создавајќи богата текстура и звучен пејсаж, којшто ги задржа слушателите фасцинирани, од почеток, до крај. Со издавањето на албумот “After the Wildfire” за Jazzland (Punkt editions) Банг и Хенриксен се враќаат во Скопје и ќе настапат како квартет со гитаристот Еивинд Арсет и перкусионистот Ингар Зак. Јанг Банг е меѓународно признат композитор и е еден од најуспешните продуценти од Норвешка. Уметнички директор е на прочуениот фестивал Punkt. Тој е водечка фигура во развојот на таканаречениот live sampling и со големо искуство во многу проекти, често интердисциплинарни. Арве Хенриксен е исклучително влијателен трубач и композитор со бројни соработки со истакнати музичари. Во неговата дискографија има преку 180 албуми. Ејвинд Ерсет е еден од најпознтите и најпродуктивни норвешки гитаристи.

Од 22 часот на 18 октомври настапува Goran Kajfeš Tropiques. Со проектот Tropiques, Горан Кајфеш во 2011-та состави група која на музиката ќе ѝ пристапи минималистички, темелејќи ја на базичен грув, трпеливо и бавно развивање на формите, мелодиска импровизација и мантрични мотиви кои се протегаат низ електро-акустични текстури. Ова е музика која често се нарекува „хипно-џез”. Квартетот Tropiques го сочинуваат Горан Кајфеш, Александар Зетсон, Јохан Берлинг и Јохан Холмегард, сите со своја клучна улога на креативната музичка сцена на Шведска. Ова се исклучителни уметници коишто што биле дел од состави како Dungen, Ghosted, Fire!, Supersonic Orchestra, Oddjob, Subtropic Arkestra и други. По нивното деби “Enso” и продолжението “The Wild”, минатата година излезе албумот “Tell Us”, за финската дискографска куќа We jazz. Веќе оценет како ремек-дело, со три долги композиции, ова е издание со „бавна музика” во својата суштина. “Tell Us” е прекрасна трилогија, истовремено нежна и снажна, со постојана филмска широчина. Ова се теми кои досегнуваат нови височини со дополнување на квартетот со гудачки инструменти. Во гудачката секција во Скопје ќе се вклучат и двајца македонски музичари, Јане Бакевски и Бојан Талески.

На 19 октомври од 20 часот на програмата е Wadada Leo Smith and Sylvie Courvoisier Duo: Angel Falls.  Трубачот и композитор Вадада Лио Смит и пијанистката Силви Курвоазје соработуваат со години, а таа учествува во повеќе состави на Смит. Од друга страна, тој е дел од нејзиниот секстет од кој произлезе и електричниот албум “Chimaera” од 2023. Вадада и Курвоазје ги здружија силите и на неколку одлични концерти во дует, проект којшто продолжува со своите истражувања на европска турнеја и се случува непосредно по нивниот прв заеднички албум “Angel falls” за Intakt. Меѓу првите кои ќе го чујат свежиот материјал е скопската публика. Ова е инаку последната европска турнеја на култниот и неуморен Вадада Лио Смит, кој годинава полни 84 години и се смета за најкреативниот жив американски музичар. „Еден од најмоќните раскажувачи во историјата на САД и наследник на американските хроничари како Чарлс Ајвс и Орнет Колман”, стои во критиката на The New York Review of Books за албумот “Ten Freedom Summers”. Родум од Швајцарија и со седиште во Бруклин, Курвоазје, која Њујорк Тајмс ја нарече „пијанистка со еднаква доза на дрскост и смиреност” во последните години станува сè посилна. Тука се реинтерпретациите на Стравински, големите турнеи со нејзиното реномирано трио, соло настапите, како и соработката со Мери Халворсон. “Angel Falls” и концертите кои ќе следат ветуваат да бидат заеднички двигател за Курвоазје и Вадада, чија хемија искри со редок поетски пламен, оценува угледниот музички новинар Бредли Бамбаргер.

Од 22 часот настапува James Brandon Lewis Quartet. Џејмс Брендон Луис е на самиот врв на светската џез сцена. Низ моќниот звук на неговиот тенор саксофон и лиричниот квалитет, тој создава сензација – највидливо преку неговиот квартет. 42-годишниот Џејмс Брендон Луис со години е високо оценуван од критиката и во континуитет го доградува својот углед на музичар кој со неверојатен интензитет покрива повеќе проекти одеднаш. Дали е тоа групата The Messthetics, неговиот Jesup Wagon Band или Red Lily Quintet, Луис едноставно не запира. Во Скопје пристига со квартетот со кој што неодамна го издаде “Abstraction is deliverance” за Intakt. Ова е негов петти албум во ваков состав. Овие извонредни музичари, секој со свој засебен карактер, звучат современо, но длабоко вкоренети во спиритуалната и импровизаторска суштина на џезот. Луис на ова издание неодоливо ги наговестува влијанијата и почитта кон титаните на инструментот, Џон Колтрејн и Сони Ролинс. Но, овој квартет не го имитира минатото. Туку го користи за да го осветли својот пат, притоа не штедејќи ниту на интелект ниту на емоција. Не случајно Њујорк тајмс го опиша Џејмс Брендон Луис како „саксофонист кој што ја отелотворува и ја пречекорува традицијата”. Оваа година критичарите на Downbeat го прогласија Џејмс Брендон Луис за музичар на годината и тенор саксофонист на годината.

 

Поврзани содржини