ПОЧНУВА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА КЛИНИКАТА ЗА ГИНЕКОЛОГИЈА И АКУШЕРСТВО Мицкоски најави инвестиции во здравството
Премиерот најави дека очекува инвестициите во здравството да кулминираат со изградбата на голем Клинички центар во Скопје како проект од стратешкото партнерство на Македонија со Велика Британија.
Почнува реконструкцијата на Клиниката за гинекологија и акушерство, потврди премиерот Христијан Мицкоски по отпочнувањето на работите во клиниката, заблагодувајќи им се на чинителите во здравството и на здравствените работници за, како што вели, натчовечките напори и за тоа што го прават за граѓаните.
Премиерот најави дека Владата ќе продолжи со инвестиции во здравството и рече дека буџетот на Фондот за здравство е зголемен за 18 милијарди денари во споредба со годините на ковид-кризата.
– Дали е доволно? Никогаш не е доволно. Но, ако имате близу 900 милиони евра буџет, тогаш тоа е нешто што е значајно, бидејќи 53 милијарди денари е буџетот.

Премиерот најави дека инвестициите би можеле да кулминираат со изградбата на голем Клинички центар во Скопје.
– Дел од проектот, кој што ќе биде спроведен заедно со Владата на Обединетото Кралство, ќе биде токму фокусиран на здравството и којшто очекувам, нормално, доколку условите се поволни да кулминира со изградба на конечно, посакуваниот голем Клинички центар во Скопје.
Мицкоски нагласи и дека неодамна се зголемиле платите и за медицинскиот персонал и за техничкиот медицински персонал, за докторите.
– Така и ќе продолжиме, имаме една динамика која што е утврдена.
Исто така, во одговор на новинарско прашање во врска со проектот за изградба или доградба на нови базени пред доаѓањето на летната сезона, премиерот информираше дека се очекува 6 базени да бидат завршени до јуни и уште еден наесен.