ПОЧНУВА ОБНОВА НА ЦРКВИ, ТЕАТРИ И ТЕРМАЛНИ ЛЕКУВАЛИШТА Министерот Љутков откри што ќе се гради годинава во Струмица
Конзервација, реставрација и санација на црквата „Св. Кирил и Методиј”, довршување на Стариот струмички театар, изработка на покривната конструкција на термалното лекувалиште Бања Банско, како и конзервација и санација на манастирот „Св. Леонтиј“ во Водоча се четирите капитални проекти кои годинава ќе почнат да се реализираат во Струмица.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Струмица најави големи инвестиции во објекти за културата и заштита на културното и историското наследство.
Конзервација, реставрација и санација на црквата „Св. Кирил и Методиј”, довршување на Стариот струмички театар, изработка на покривната конструкција на термалното лекувалиште Бања Банско, како и конзервација и санација на манастирот „Св. Леонтиј“ во Водоча се четирите капитални проекти кои годинава ќе почнат да се реализираат во Струмица. Проектите ги најави министерот за култура и туризам Зоран Љутков, при вчерашната посета на општината, при што додаде дека во изминатиот период е направен сублимат од она што ќе се работи низ цела Македонија во делот на заштитата на културното наследство.
– За многу краток период ќе биде распишана и повеќегодишна јавна набавка, а за овој мошне значаен објект Министерството ќе издвои 15 милиони денари. Се опфаќаат многу повеќе делови во надворешниот и внатрешниот дел на црквата. Велиме повеќегодишна јавна набавка зашто гарантираме дека во следните три години тие 15 милиони денари ќе бидат наменети само за црквата. Се разбира, доколку има побрза динамика во делот на конзервацијата, реставрацијата и во делот на санацијата, побрзо ќе бидат обезбедувани средствата – рече министерот Љутков.
Тој ја посети и Римската бања во село Банско, каде треба да се постави покрив на ова термално лекувалиште и за таа намена се обезбедени 25 милиони денари од прекуграничниот проект ИНТЕРЕГ на ЕУ за периодот од 2021-2027 година и со партнери од Италија и Грција ќе се реализира овој проект заедно со Завод и Музеј Струмица.
Според Викарниот епископ Јаков Стобиски, Црквата „Свети Кирил и Методиј“ долги години е е во лоша состојба и буквално сите гледале како се распаѓа.
– Обврската за санација на црквата ја има Министерството и „Завод и Музеј Струмица“. Заводот аплицираше во повеќе наврати, но поранешното раководство на Министерството не покажа ниту најмал интерес, а се финансираа проекти кои овозможуваа ширење на „квир културата“, на пример и многу други значајни проекти за нив. Јас во име на Струмичката православна епархија, на МПЦ и на сите струмичани сакам да му се заблагодарам на министерот и на Владата што конечно презедоа обврска и покажаа одговорност за да се заштити Црквата „Свети Кирил и Методиј“ – изјави Викарниот епископ Јаков од Струмичката епархија на МПЦ-ОА.
Посетата на Струмица министерот Љутков ја заврши во Манастарскиот комплекс Црквата „Свети Леонтиј“ во Водоча, каде ќе се санира и конзервира покривот на овој објект.
– Овој манастир е многу значаен за историјата на Струмица. Таму има многу големи оштетувања на покривот и заради тоа „Завод и музеј Струмица“ има изработено проект за санација на покривот, а Министерството за култура и туризам издвојува 1,2 милиони денари – истакна Љутков, кој додаде дека се очекува работите таму да почнат годинава, но и да завршат.
Министерот Љутков денеска го посети и НУЦК „Антон Панов“ каде имаше средба со актерите за време на проба за претстава.