ПОЧНУВА НОВ ГОЛЕМ МИГРАНТСКИ БРАН КОН ЕВРОПА Балканската рута најфреквентна
Во 2022 година се забележани 145.600 илегални премини на балканската рута, што е најголема бројка регистрирана во последните седум години
Податоците за влез на странски државјани во земјите членки на ЕУ и во Обединетото Кралство покажуваат зголемена френквенција и најавуваат почеток на нов мигрантски бран во Европа.
По мигрантската криза во 2015 година, бројот на илегални мигранти нагло се намали и стагнира неколку години. Но, минатогодишните податоци покажуваат голем пораст на бројот на обиди за илегални преминувања на границите и на вкупниот број мигранти кои се наоѓаат илегално во некоја од земјите-членки на ЕУ, покажуваат податоците од Фронтекс, агенцијата за контрола на надворешните граници на ЕУ
Обединетото Кралство доживува слични трендови и покрај тоа што една од причините за напуштање на ЕУ беше токму запирање на илегалните мигранти. Зголемување на бројот на мигранти се бележи и во Германија, Шпанија и во Италија.
Ситуацијата не е толку хаотична како што беше за време на мигрантската криза во 2015 година, што делумно е резултат на построгите правила кои беа воведени во последните години, но и полесното стекнување на правото на легална миграција. Сепак, одредени податоци заслужуваат внимание.
Во 2022 година, за околу 1,1 милион луѓе е откриено дека се нелегално присутни во некоја од земјите-членки на ЕУ, што е зголемување за 61 отсто во споредба со 2021 година.
Најголем број илегални мигранти има Унгарија (222.515), потоа Германија (198.310), Италија (138.420), Франција (115.120), Австрија (105.545), Шпанија (68.100) и Грција (49.060). Во регионот, Хрватска има регистрирани 43.830 илегални мигранти, што е осма најголема бројка од сите земји-членки на ЕУ.
Државјаните на Сирија се во најголем број од регистрираните нелегално присутни мигранти во ЕУ (175.960). По нив следуваат државјаните на Авганистан (119.520) и на Мароко (60.215).
На почетокот на годината, Фронтекс, агенцијата за контрола на надворешните граници на ЕУ, објави дека во 2022 година бројот на илегални премини на границата бил највисок од 2016 година.
„Според прелиминарните пресметки, откриени се околу 330.000 илегални премини на надворешната граница на ЕУ. Тоа е најголем број од 2016 година и зголемување од 64 отсто во однос на претходната година“, се вели во јануарскиот извештај на Фронтекс.
Речиси половина од илегалните премини се наоѓаат на таканаречената балканска рута, а повеќето од мигрантите се државјани на Сирија, Авганистан и на Тунис. Бројот на мигрантите од Сирија достигна 94 илијади и е двојно зголемен во споредба со 2021 година.
На балканската рута во 2022 година се забележани 145.600 илегални премини што е најголема бројка регистрирана во последните седум години.
Мигрантите и натаму остануваат проблем за Македонија
Ако се анализираат бројките намалување има, но миграцијата останува предизвик и во наредниот период, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во интервјуто за „Слободен печат“.
Во однос на справувањето со миграцијата, Спасовски истакна дека „Северна Македонија веќе две години не е атрактивна држава за преминување на мигрантите, поради зголемената ефикасноста во откривачката дејност при криумчарењето на мигранти“ потенцирајќи дека „многу важно е и тоа што се распоредени силите на Фронтекс на јужната граница, каде имаме најмногу обиди за илегален влез.
– Во периодот од 1 јануари до 21 мај 2023 година спречени се 3.518 обиди за премин на државната граница од страна на мигрантите, а минатата година таа бројка била 5.226. Тоа покажува дека имаме намалување на обидите и тоа не малку, туку за 42%. Имаме намален обид и на границата со Република Србија за 32%. Топ три земји од каде најмногу доаѓаат мигрантите се Сирија, Мароко, Конго и помал дел од Пакистан. Карактеристично во делот на мигрантите е тоа што многукратно се зголемува откривачката дејност од страна на македонската полиција. Имаме спречено 29 случаи на криумчарење на мигранти, а околу 234 мигранти биле во обид да се криумчарат. Преземени се мерки на кривичен прогон за 21 лице, од кои двајца се српски и еден турски државјанин – истакна Спасовски.