ПОЧНУВА МЕСЕЦОТ НА ФУДБАЛОТ Германија и Шкотска денеска ќе го означат стартот на ЕУРО 2024
„Алијанц Арена“ во Минхен ќе биде домаќин на отворањето на 17. Европско фудбалско првенство, кое ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули, за кога е закажано големото финале.
Со дуелот меѓу репрезентациите на домаќинот Германија и на Шкотска, вечерва во 21 часот ќе биде означен стартот на европското фудбалско првенство УЕФА ЕУРО 2024. Пред натпреварот ќе има и традиционално отварање на кое ќе му биде оддадена почит и на легендарниот фудбалер Франц Бекенбауер кој почина на 7 јануари годинава.
Познатата „Алијанц Арена“ во Минхен ќе биде домаќин на отворањето на 17. Европско првенство, кое ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули, за кога е закажано големото финале. Ќе се натпреваруваат 24 селекции, а само Грузија се води како дебитант.
Титулата ја брани Италија, која пред три години славеше во финалето против Англија по подоброто изведување пенали.
Натпреварите се играат во 10 градови, а секој стадион има своја посебна приказна, од Берлин, преку Минхен, Дортмунд, Штутгарт, Гелзенкирхен, Франкфурт, Хамбург и Дизелдорф, па се до Келн и Лајпциг.
Првиот дел од натпреварувањето се состои од натпревари во 6 групи со по 4 екипи. Од секоја група во следната фаза напредуваат двете најдобри селекции и четирите најдобри третопласирани селекции, по што започнува нокаут фазата (од осминафиналето).
Група А: Германија, Шкотска, Унгарија, Швајцарија.
Група Б: Шпанија, Хрватска, Италија, Албанија.
Група Ц: Словенија, Данска, Србија, Англија.
Група Д: Полска, Холандија, Австрија, Франција.
Група Е: Белгија, Словачка, Романија, Украина.
Група Ф: Турција, Грузија, Португалија, Чешка.
Најуспешни селекции на Стариот континент се Германија и Шпанија, кои трипати ја освојуваа титулата, а Германија уште три пати стигна до финалето (во 1976, 1992 и 2008 година).