ПОЧНУВА ДА СЕ СМИРУВА СОСТОЈБАТА ВО ГОСТИВАР Намален бројот на нови пациенти со гастроентероколит

Министерството за здравство информира дека бројот на новопрегледани пациенти во Гостивар почнува да се намалува, а епидемиолошките тимови продолжуваат со анализа на случаите и следење на состојбата.

397

Министерството за здравство информира дека се забележува почетно намалување на бројот на новопрегледани пациенти со симптоми на гастроентероколит во Гостивар, но состојбата и понатаму активно се следи преку здравствените институции и епидемиолошките тимови.

Од Министерството посочуваат дека според последните податоци од Општата болница Гостивар и Здравствениот дом Гостивар, од вчера е регистриран пад на бројот на лица кои за првпат побарале лекарска помош поради симптоми поврзани со стомачни инфекции.






„Министерството за здравство континуирано ја следи епидемиолошката состојба на подрачјето на Гостивар и согласно последните податоци од јавните здравствени установи информираме дека од вчерашниот ден се забележува почетно намалување на бројот на новопрегледани пациенти со симптоми на гастроентероколит“, информираат од Министерството.

Според официјалните податоци, во Општата болница Гостивар досега се евидентирани вкупно 1.554 пациенти, додека во Здравствениот дом Гостивар биле прегледани 1.392 лица.

Четирите лица кои претходно беа хоспитализирани веќе се пуштени на домашно лекување, а надлежните продолжуваат со епидемиолошка обработка на случаите.

„Досега се доставени 140 формални пријави, кои се обработуваат од епидемиолошките тимови на Центарот за јавно здравје Тетово и Институтот за јавно здравје, а спроведени се и 81 епидемиолошка анкета“, велат од Министерството за здравство.

Во однос на дневниот број на нови пациенти, податоците покажуваат дека на 19 јули биле регистрирани 564 новопрегледани лица во болницата и здравствениот дом во Гостивар.

Ова претставува намалување во споредба со претходниот ден, кога биле евидентирани 649 новопрегледани пациенти, што воедно бил и највисокиот дневен број од почетокот на појавата.

Од Министерството нагласуваат дека кај најголемиот број пациенти клиничката слика е лесна и дека се преземаат сите неопходни епидемиолошки, лабораториски и превентивни активности.

„Се спроведуваат сите потребни мерки за следење на состојбата и навремено реагирање, со цел заштита на здравјето на граѓаните“, додаваат од ресорното министерство.

Министерството упатува апел до граѓаните да ги почитуваат препораките за лична хигиена, редовно да ги мијат рацете, а лицата кои имаат симптоми како повраќање, дијареја, покачена температура или знаци на дехидратација навремено да побараат медицинска помош.

Поврзани содржини