ПОЧНУВА БИТКАТА СО НЕЛЕГАЛНИОТ ИМОТ Владата со нова стратегија за финансиски истраги
Од Владата потенцираат дека дури и најдобриот стратешки документ останува само парче хартија доколку не се имплементира ефективно и не се постигнат конкретни резултати.
Со цел обезбедување услови и градење на институционални капацитети за спроведување финансиски истраги, конфискација на имот, поврат на имот и управување со конфискуваниот имот, Владата денеска ја усвои Стратегијата за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2025–2028, заедно со соодветен Акциски план.
Со ова, Владата ја потврдува својата определба за активна борба против организираниот криминал и корупцијата. Стратегијата предвидува системски пристап за јакнење на надлежните институции кои имаат клучна улога во спроведување финансиски истраги, со крајна цел – конфискација на нелегално стекнатиот имот.
Од Владата потенцираат дека дури и најдобриот стратешки документ останува само парче хартија доколку не се имплементира ефективно и не се постигнат конкретни резултати.
„Во таа насока, се унапредува степенот на мониторинг и контрола на имплементацијата на стратегијата. Освен постојната Национална комисија за финансиски истраги и конфискација на имот, се предвидува и формирање на ново тело – Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот, кое ќе има задача да обезбеди повисоко ниво на координација, следење и евалуација на сите активности поврзани со оваа област“, се вели во владиното соопштение.
Со ваквиот пристап, Владата очекува зголемена ефикасност во идентификувањето, замрзнувањето и трајното одземање на имот стекнат преку криминал, што претставува еден од клучните механизми во борбата против високиот криминал и корупција.