ПОЧНАЛЕ ПРЕГОВОРИТЕ ЗА НАБАВКА Многу надежи во лекот „молнупиравир“
Од Здравство не наведоа детали за тоа колкаво количество од овој лек ќе се набави, колку ќе чини и кога ќе стаса, како и кога ќе биде одобрен за употреба во земјава и како ќе им се препишува на заболените.
Почнаа преговорите со компанијата МСД, која го произведува лекот „молнупиравир“, одговорија од Министерството за здравство на прашање на Плусинфо до каде е набавката на првиот лек кој може да помогне во лекување на ковид-19 и е во фаза на одобрување во повеќе земји во светот.
Но, од Здравство не наведоа детали колкаво количество од овој лек ќе се набави, колку ќе чини и кога ќе стаса, како и кога ќе биде одобрен за употреба во земјава и како ќе им се препишува на заболените. Оттаму само велат дека навремено ќе информираат за новостите околу набавката на лекот.
Лекот „молнупиравир“ е во форма на таблета и може да го примаат сите пациенти кои се позитивни на ковид-19 во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот.
Велика Британија вчера стана првата земја во светот која ја одобри употребата на овој лек. Британските меиуми пишуваат дека таблетата е наменета за луѓе кои се позитивни на коронавирусот и имаат барем еден фактор на ризик за развој на сериозна болест, како што се дебелина, возраст над 60 години, дијабетес или срцеви заболувања.
Британскиот здравствен регулатор MHRA соопшти дека лекот е безбеден и ефикасен за намалување на ризикот од хоспитализација и смрт кај луѓе со благи до умерени симптоми на ковид, кои се изложени на зголемен ризик од вирусот.
Таблетата, која ќе се продава под името „лагеврио“, ќе им се дава на луѓето два пати неделно по позитивен тест за ковид. Лекот делува така што го спречува реплицирањето на вирусот и на тој начин ја намалува сериозноста на инфекцијата. MHRA укажува дека лекот треба да се земе што е можно поскоро по позитивен тест во првите пет дена.
Досегашните клинички испитувања покажуваат дека хоспитализацијата со овој лек е намалена за 50 отсто.