Почнаа строги контроли на горивата што се точат на бензинските пумпи
Започнати се вонредни инспекциски надзори на бензинските станици каде се врши промет на мало со моторен бензин и дизел гориво. Денеска веќе се извршени три инспекциски надзори.
Инспекциските контроли околу увозот на опасен мазут се речиси завршени и резултатите ќе бидат објавени во вторник, а од денеска Државниот пазарен инспекторат, кој е орган во рамки на Министерството за економија, започнува со засилени вонредни контроли и на течните деривати со користење на мобилната лабораторија и тоа при влезот во државата и во внатрешниот пазар, односно малопродажбата, изјави денеска на прес конференција министерот за економија Крешник Бектеши.
– Заедно со Пазарниот инспекторат во наредниот период ќе почнеме со засилени контроли на терен за квалитетот на сите видови нафтени деривати во државната мобилна лабораторија. Одлучни сме преку засилени контроли да избегнеме можни манипулации со квалитетот на горивата кои што се користат во нашата земја. На тој начин не само што ќе се заштитат потрошувачите од манипулации со квалитет на горивата, туку ќе се заштити и животната средина. Како што најавивме, во моментот заедно со вицепремиерот Николовски ги собираме сите информации за дистрибуција на сомнителен мазут. Крајниот рок кој им го дадовме на институциите е следниот вторник кога очекуваме дека ќе ги имаме сите информации за евентуалните злоупотреби на увоз на опасен мазут во нашата земја. Доколку не се реализирани сите процедури согласно правилникот за квалитет на течни горива и процедурите за увоз на нафтени деривати, документите ќе им ги предадеме на Јавното обвинителство – рече Бектеши.
Тој нагласи дека сите институции почнувајќи од Царинската управа, ДПИ, МЕ, Инспекторатот за животна средина имаат обврска во роковите предвидени да ги достават сите информации до Владата. Во Министерството за економија согласно новиот Закон за енергетика, нивниот правилник за квалитет на горивата е целосно усогласен со директивите на ЕУ.
На заедничката прес-конференција се обрати и в.д. директорката на Државниот пазарен инспекторат Анета Симеска Димоска, која нагласи дека во соработка со Бирото за метрологија, преку користење на Мобилната лабораторија започнати се вонредни инспекциски надзори на бензинските станици каде се врши промет на мало со моторен бензин и дизел гориво. Денеска веќе се извршени три инспекциски надзори.
– Денешните надзори се само почеток на вонредните инспекциски надзори и ќе бидат дел од приоритетите на нашата работа во наредниот период и ќе бидат спроведени на територијата на целата држава. Во план е овие контроли со мобилната лабораторија и во соработка со Царинската управа да се вршат на влез на горивата во нашата држава, односно на нашата граница со цел да спречиме влез на несоодветен квалитет на горива во внатрешниот пазар – рече Симеска Димоска.
Бектеши посочи дека треба да се има предвид дека мазутот се контролира во други акредитирани лаборатории.
– Тие контроли (во делот на мазутот) се завршени од ДПИ, веќе се вратени неколку цистерни. Не би сакал да навлегувам во имиња на компании на кои се вратени. И во внатрешноста на нашата држава се констатирани нерегуларности и е постапено од ДПИ. Јас веќе наведов дека до вторник сите инститиуции имаат надлежност да достават информација до Владата и согласно тие информации ќе се постапи и да почекаме до вторник – рече Бектеши и нагласи дека тоа се бензински пумпи и увозници кои го покриваат најголемиот дел од пазарот со нафтени деривати.