ПОЧНАА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ЕВРОПА Македонските кошаркари стартуваа во „Кале“, Вајли и Јакимовски се приклучуваат наскоро
Со првиот тренинг во „Кале“, сениорската репрезентација влезе во ритам – следуваат пријателски натпревари и претквалификации за ЕП.
Машката сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија денеска и официјално ги започна подготовките за претстојните претквалификации за Европското првенство. Првиот тренинг се одржа попладнево во салата на СРЦ „Кале“, под водство на селекторот Марјан Илиевски и неговите соработници Мирко Петрески, Борче Даскаловски и Миодраг Тодоровиќ.
На првиот собир во Скопје присуствуваа:
Марин Петков, Андреј Магдевски, Амар Хот, Валмир Какруки, Лука Стојановски, Андреј Митревски, Максим Митревски, Лука Савичевиќ, Андреј Андоновски и Марко Миловановиќ.
Поради болки, Лејсон Зекири го пропушти првиот тренинг, но се очекува наскоро да се приклучи. На 17 јули, пред заминувањето за Гевгелија, во составот ќе влезе Адем Мекиќ, а два дена подоцна и Теодор Симиќ. Андреј Јакимовски е најавен за 23 јули.
Неколку играчи во моментов имаат обврски со младинските репрезентации. Марко Луканоски и Стефан Стојковиќ се со М20 селекцијата, а Никола Јаничиќ го чека настап за М18 тимот на Европското првенство во Србија.
Дополнителна сила на националниот тим ќе биде и Џејкоб Вајли, кој ќе се приклучи на подготовките во Гевгелија.
Во Гевгелија, нашата селекција ќе одигра два пријателски натпревара против Швајцарија – на 25 и 26 јули, по што следува преселба во Куманово, каде ќе започнат официјалните претквалификациски натпревари за Европското првенство.
Распоред на натпреварите во претквалификациите:
2 август: Македонија – Романија (во Куманово)
9 август: Унгарија – Македонија (во Шолнок)
13 август: Романија – Македонија (во Орадеа)
20 август: Македонија – Унгарија (во Куманово)