ПОЧНА ВИДЕО САМИТОТ БАЈДЕН – ПУТИН Ќе здивне ли светот по страхувањата дека сме пред нова војна за Украина?
Односите меѓу САД и Русија се влошија уште на почетокот на претседателствувањето на Џо Бајден. Потенцијалната руска инвазија на Украина би предизвикала голема криза за администрацијата на Бајден, а особено за Европа, која во јуни ги продолжи санкциите кон Русија поради анексијата на Крим во 2014 година.
Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Џо Бајден денеска почнаа билатерални разговори преку видео конференциска врска.
Како што беше претходно најавено, се очекува лидерите да разговараат за ситуацијата во Украина, проширувањето на НАТО кон исток и за прашањата за стратешката стабилност и билатералната агенда, а може да се осврнат и на регионалните безбедносни прашања, вклучително и ситуацијата во Авганистан.
Ова е нивни петти разговор откако Бајден ја презеде претседателска функција. Претходно двајцата лидери имаа три телефонски разговори, а се сретнаа и лично во Женева во јуни годинава. Нивната тогашна средба траеше речиси два часа и беше конструктивна.
Главна тема е Украина, во светлината на трупањето на руски воени трупи на границата меѓу двете земји. Бајден и Путин ја заострија реториката, откако почна да се зборува за опасноста од руска инвазија на Украина, со учество на околу 175.000 војници. Доверлив документ на американското разузнавање, до кој имал пристап „Вашингтон пост“, даде некои детали за наводните планови на Москва, вклучително и позиционирање на тактички групи од 100 баталјони, како и тешко вооружување, артилерија и друга опрема.
Путин кон крајот на ноември рече дека Русија ќе биде „принудена да реагира доколку НАТО ги премине црвените линии во Украина“, наведувајќи дека Москва размислува за распоредување на одредени офанзивни ракетни капацитети на територијата на таа земја, Бајден ги отфрли „црвените линии“ на Москваа, а американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја предупреди Русија да ги повлече своите војници или САД „одлучно ќе одговорат“.
Односите меѓу САД и Русија се влошија уште на почетокот на претседателствувањето на Бајден. Неговата администрација воведе санкции и ја обвини Русија за мешање во американските избори, за сајбер активностите против американските компании и за третманот на уапсениот опозициски лидер Алексеј Навални.
Потенцијалната руска инвазија на Украина би предизвикала голема криза за администрацијата на Бајден, а особено за Европа, која во јуни ги продолжи санкциите кон Русија поради анексијата на Крим во 2014 година. Дополнително, се комплицираат односите и во Белорусија, на чија граница, поради мигрантската криза, Полска подигна ограда од бодликава жица и постави свои трупи. Со оглед на фактот дека Русија ја смета Белорусија за своја зона на интерес, построи стравување дека границата меѓу таа земја и Полска е извор на нови ризици.
Можно е Бајден и Путин да разговараат и за енергетската криза што ја потресе Европа поради поскапувањето на бензинот. Гасоводот Северен тек 2, кој се протега на 1.200 километри од Русија до Германија под Балтичкото Море, Западот го смета за безбедносна закана за Украина. Заобиколувајќи го транзитот преку Украина, рускиот гас ќе оди директно во Германија, со што ќе се елиминира еден од последните адути на Украина за одвраќање на можната инвазија.
Рускиот претседател планира на средбата со Бајден да предложи меѓусебни безбедносни гаранции дека Украина нема да се приклучи на НАТО и ја повика Алијансата да престане да се шири кон Исток. За возврат, Москва е подготвена да ги понуди своите гаранции. Пред средбата, Бајден и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој неодамна изјави дека бил предупреден за можен државен удар, ги усогласија ставовите со Вашингтон.
(Во прилогот се користени делови од анализата на порталот Блиц)