Почна Танц фест 2021 – овации за огнената енергија и силните пораки

Претставата „Не ми ги допирај очите“ на кореографката и танчерка Адријана Данчевска се поистоветува со човекот во Македонија, го слави животот, убавото во едноставното и гневот на постоењето.

193

Со одушевување и овации беа изгледани двете претстави на синоќешното отворање на 17. Танц фест Скопје, во Домот на Армијата. Во интимна атмосфера и со мала публика поради мерките за ковид,  присутните активно учествуваа и уживаа во македонско-словенечкиот спој на сцената, кој никого не остави рамнодушен.

Вечерта ја отвори словенечкиот танчер Жиган Крајнчан, кој со изведбата на „Fusion with Myself“, во продукција на Егзодос, Љубљана и извршниот директор и продуцент Наташа Заволовшек и извонреден технички дел – светло, фотографија и видео зад кои се потпишува Борут Бучинел, на публиката ѝ претстави нешто сосема поинакво на сцена.






„Она што не е, ме води, сакам да одам таму каде што никогаш не сум бил. Она што не е, ме дефинира, она што не сум – сакам да станам. Се прашувам дали некогаш ништото ќе ме најде… Ништо да се направи, ништо да се знае…“ – вака Крајнчан ја интерпретира својата соло изведба, која покрај извонредни танцови движења, вклучуваше и звук во негова лична интерпретација, но и интеракција со публиката, која наиде на одобрување од љубителите на танцот.

По извонредниот Крајнчан, магија на сцена претставија кореографката и танчерка Адријана Данчевска и Дејан Битровски, кои со премиерата на „Не ми ги допирај очите“ ја кренаа на нозе публиката. Зад кореографијата, изведбата и костимите на претставата се потпишува младата Данчевска, додека музиката зад музиката – Artefakt и Гордан Спасовски трио.

„Следете политика и главите кон сонцето“ – претстава која ја допре публиката, задирајќи во некои подлабоки размислувања, кои парадоксално, го претставуваат нашето секојдневно живеење или – преживување. „Не ми ги допирај очите“ се поистоветува со човекот во Македонија, го слави животот, убавото во едноставното и гневот на постоењето. „Кога ќе ме снема, може повторно да ме заима“, комплексната идеја за човековото битисување претставена преку елеганција и питки движења на сцена во кои публиката вистински уживаше.

На отворањето присутвуваше и министерката за култура, Ирена Стефоска, македонската балерина и балетски критичар, Емилија Џипунова, како и Дидие Дешам, кој повеќе од една деценија беше на чело на Националниот театар за современ танц Шајо во Париз, Франција.

Вечерва, 2. јуни, со почеток во 21 часот во Домот на АРСМ, втората вечер на фестивалот ќе биде посветена на студентите и дипломците при Катедрата за современ танц на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, кои се и новата енергија и креативна сила на современата домашна танцова сцена. Присутните ќе имаат прилика да ја проследат кореографијата „Погрешно“ на кореографот и асистент на катедрата, Адријана Данчевска, во изведба на Исидора Краљевска, Ивана Балабанова, Борис Богдановски, Викторија Коцева и Антонија Димитриевска и „Јас сум, тука сум“, со која ќе дипломираат втората генерација студенти на Катедрата за современ танц при УГД, Исидора Краљевска, Ивана Балабанова, Борис Богдановски под менторство на професорот Рисима Рисимкин, во соработка со стручниот соработник Анастасија Данчевска.

Поврзани содржини