ПОЧНА ПРОЛЕТНАТА СЕИДБА ВО УКРАИНА Владата им даде заеми на земјоделците
Сеидбата не почнала само во Луганск, кој е под целосна контрола на руските сили.
Земјоделците почнаа со пролетната сеидба во речиси сите делови на Украина, независно од тоа што продолжуваат нападите на руските сили, соопштија властите во Киев.
– Сеидбата не почнала само во Луганск – изјави синоќа премиерот Денис Шмихал.
Луганск инаку е под целосна контрола на руските сили.
Владата во Киев за земјоделскиот сектор обезбедила поволни заеми во вредност од 3,5 милијарди гривни или 116 милиони долари.
– Истовремено настојуваме да ги поедноставиме постапките за регистрација на земјоделска технологија, со цел да нема застои во земјоделските работи – истакна Шмихал.
Украина спаѓа меѓу водечките производители на жито во светот, така што слаб принос би можел да предизвика недостиг и скок на цената на житото на меѓународните пазари на земјоделските сировини.