ПОЧНА ОД ПОЧЕТОК СУДЕЊЕТО ЗА ДАРКО КАЕВСКИ, НАУМЧЕ МОЈСОВСКИ И ЗА УШТЕ 10 ЛИЦА Се изјаснија невини за проневера на 5 милиони евра

Промената на судечкиот совет следува откако судијката Џенета Бегтовиќ беше избрана за член на Судскиот совет. Наместо неа, процесот ќе го води судијката Фросина Стојаноска.

582

По промена на судечкиот совет, во Основниот кривичен суд Скопје денеска повторно започна судењето за злоупотреба на спортските ваучери, за што се обвинети 12 лица, меѓу кои поранешните директори на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и Наумче Мојсовски. Сите 12 обвинети на денешното рочиште изјавија дека не се чувствуваат виновни.

Промената на судечкиот совет следува откако судијката Џенета Бегтовиќ беше избрана за член на Судскиот совет. Наместо неа, процесот ќе го води судијката Фросина Стојаноска.






Обвинети за „злоупотреба на службената положба“ и за „несовесно работење“ се поранешните директори на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и Наумче Мојсовски и претседателот на Македонски олимписки комитет, Даниел Димевски, како и Огнен Стојановски, Ѓорѓи Тасев, Наташа Смилевска, Бејтула Емини, Дриљон Леши, Мијази Елмазов, Иван Миновски, Даниел Каров и Сашо Поповски. Тие се обвинети дека ја оштетиле државата околу 5 милиони евра при распределба на парите наменети за федерациите, клубовите и спортистите кои добиваа ваучери.

Дел од одбраната на денешното рочиште поднесе прочистена листа на докази, а дел побараа да добијат препис од материјалните докази на Обвинителството.

– Со цел да може да подготвиме одбрана, потребно ни е да ни дадете препис од сите писмени докази наведени во листата на докази од страната на Обвинителството, особено извештајот и анализат на Државниот завод за ревизија и двете известувања на УЈП. Без ова не сме во состојба да поставиме прашање на нашиот технички поддржувач, а со тоа реално и врз основа на закон да ја подготвиме нашата одбрана – посочија адвокатите.

Адвокатот Петре Шилегов, бранител на Каевски, побара од Судот да ја прекине постапката или Обвинителство да го повлече предлогот, поради измените во Законот за спорт.

– По поднесувањето на овој обвинителен предлог и по отпочнувањето на постапката на 12.8.2024 година, Собранието донесе измени и дополнувања на Законот за спорт, при што го укина членот 14г, кој што претставува правен основ за да зборуваме за каква било злоупотреба – рече тој.

Во врска на барањето за препис од доказите, Обвинителка Лидија Раичевиќ се произнесе дека тие предлози се апсолвирани на првичната расправа, односно, дека доказите се доставени, на што дел од одбраната посочија дека биле вклучени во процесот непосредно пред расправата и ги немаат.

– Предлозите од колегите претставуваат пример дека е дојдено време да се ослободиме од лошите тактики на поднесување на предлози кои се апсолвирани на главните расправи, пред да се смени судечкиот совет, Тогаш најголемиот дел од бранителите побараа препис од доказите и запознавање со содржината на истите и тоа е сторено – рече Раичевиќ.

За предлогот на адвокатот Шилегов за прекин на постапката, таа рече дека не е ништо друго, туку показател дека се трошело време и се вложиле сериозни амбиции и максимум напор постапката да престане.

– Овде се работи за цитиран член кој што претставува опис за пропуст од друг закон, друга материја, која што во развојот и еволуцијата на материјата која што го третира тој закон може да претрпи не само нумерички, туку организациони, идеолошки, стратешки начини на постапување, финансирање. Н0, тоа не значи дека тоа е декриминализација на делото, затоа што она што е тежиштето на ова кривично дело е дејствието на извршување, а бланкетната норма која што важела во време на извршување на кривичното дело е ориентир по кој што се препознаваат елементите на истото – образложи таа.

Раичевиќ посочи дека освен предлогот на нови докази, сѐ останато треба да се одбие и постапката да продолжи.

За Шилегов ова образложение е несоодветно, а суштината за кривичните дела „злоупотреба на службената положба“ и „несовесно работење“ кои им се ставаат на товар на обвинетите, е дека во правната теорија се дела кои што не можат да егзистираат сами од себе.

– Тие не дефинираат конкретно инкриминирано поведение, туку ги даваат основите на описот, што сѐ може да биде инкриминирано дејствие, но, притоа, инкриминарноста ја бараат во прекршување на други членови од позитивното материјално право – рече тој.

Судот одлучи да се произнесе за ова на следната главна расправа, на 14 март 2025 година.

Поврзани содржини