ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА НОВИОТ КАМПУС НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „МАЈКА ТЕРЕЗА“ Владата обезбеди 42 милиони евра за проектот

Новиот кампус ќе се гради на површина од 31.000 метри квадратни, и ќе претставува современ академски комплекс, со модерни објекти, амфитеатри, студентски простори, спортски сали, базен и инфраструктура која ќе одговара на потребите на современото високо образование.

732

Во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование Весна Јаневска и градоначалникот на општина Чаир Изет Меџити, денеска беше поставен камен-темелник на новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.

– Проектот е вреден околу 42 милиони евра и претставува најголемата досегашна инвестиција во албанското образование во Македонија. Новиот универзитетски кампус ќе се гради според современи стандарди и ќе понуди модерни услови за студирање, научно-истражувачка работа и академски развој, претворајќи ги Скопје и Чаир во значаен универзитетски центар за Албанците, во земјата и во регионот. Поставувањето на камен-темелникот на овој кампус е историски момент за албанското образование – истакна Меџити.






Според него, изградбата на кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“ ќе создаде нови можности за младите Албанци да студираат на модерен универзитет и на својот јазик, подготвувајќи се за предизвиците на глобалниот пазар на знаење и економија.

Премиерот Мицкоски оцени дека овој проект претставува значаен чекор во развојот на високото образование во земјата и стратешка инвестиција што ќе влијае со децении врз академскиот, научниот и општествениот развој.

– Со започнувањето на изградбата на новиот, модерен кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, ја потврдуваме нашата цврста определба – да инвестираме во знаење, во младите и во развојот на високото образование. Владата донесе одлука со која се обезбедени вкупно 42 милиони евра за реализација на овој значаен проект. Од нив, 40 милиони евра се наменети за изградба на објектите, а околу 2 милиони евра за надзор на градбата, со цел целиот процес да се реализира професионално, квалитетно и транспарентно – рече Мицкоски.

Новиот кампус ќе се гради на површина од 31.000 метри квадратни, и ќе претставува современ академски комплекс, со модерни објекти, амфитеатри, студентски простори, спортски сали, базен и инфраструктура која ќе одговара на потребите на современото високо образование.

– Нашата цел е јасна – младите луѓе да имаат можност да студираат, да се развиваат и да ја градат својата кариера тука, во својата држава. Универзитетите мора да бидат центри на знаење, истражување и иновации. Места каде што се создаваат идеи, каде што се развиваат нови технологии и каде што се подготвуваат генерации кои ќе ја водат државата напред. Универзитетот „Мајка Тереза“ е важен дел од таа академска мрежа – рече Мицкоски и додаде дека е уверен дека овој кампус ќе стане место каде ќе се создаваат нови научници, инженери, професори, лидери и визионери.

Поврзани содржини