ПОЧНА ИЗГРАДБА НА ПРУГАТА БЕЛГРАД-НИШ Вучиќ ќе разговара со ЕУ и за пруга до Македонија

Претседателот на Србија кажа дека железничката обиколница ќе биде за брзини на возови до 160 километри на час

388

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска на почетокот на изградбата на железничката обиколница околу Ниш изјави дека за него и за Владата на Србија пругата Белград-Ниш е еден од најважните проекти, и нагласи дека ќе се разговара со ЕУ за довршување на делот од пругата од Ниш до Прешево и Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ кој присуствуваше на почетокот на изградбата на железничката обиколница околу Ниш, која е дел од проектот за модернизација и реконструкција на пругата Ниш – Димитровград, на трасата на железничкиот Коридор 10, кажа дека ЕУ донирала 80 милиони евра за изградба на пругата Ниш-Димитровград и 35 милиони евра за обиколницата околу Ниш во должина од 22,5 километри.






– Од Белград до Ниш со воз ќе се патува еден час и 40 минути, а од Будимпешта до Ниш само четири и пол часа – рече Вучиќ во Ниш.

Тој посочи дека кога Србија ќе има брза пруга од Белград до Ниш, ќе биде многу побрзо да се патува до Грција и Турција и нагласи дека ќе се разговара со ЕУ за довршување на делот од пругата и од Ниш до Прешево.

– Тогаш ни останува само со Северна Македонија да разговараме. После тоа, со неверојатни брзини ќе стигнеме до Солун и Атина – изјави Вучиќ.

Претседателот на Србија кажа дека железничката обиколница ќе биде за брзини на возови до 160 километри на час и дека е дел од пругата Ниш-Димитровград и потсети дека во изградба е и делницата до Брестовац во должина од 23 километри.

– Останува да завршиме кон Лесковац и Врање, се оди кон тоа да ја изградиме комплетно пругата Ниш-Белград. Сега ја завршуваме Нови Сад-Суботица, целата оваа делница од 108 километри и кога ќе ја завршиме, а мислиме дека ќе завршиме за максимум три и пол до четири години, тогаш ќе имаме нешто што е неверојатно, нешто што не ни сонувавме дека е можно – рече тој.

Поврзани содржини