ПОЧНА ДЕМОНТАЖАТА НА СТАРИОТ РАДАР НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ Новиот радар ќе се користи од јуни 2026 година
По завршувањето на демонтажата, како што информираат од М-НАВ, ќе следуваат дополнителни градежни активности за поставување на новата конструкција, како и инсталација на новиот современ Мод S радар, со што значително ќе се унапреди безбедноста и ефикасноста на управувањето со воздушниот сообраќај.
Денеска официјално започна процесот на демонтажа на стариот и неупотреблив радар на Меѓународниот Аеродром Скопје, како и подготовка за инсталација на новиот современ Мод S радар. Оваа процедура нема да има никакво влијание за одвивањето на авиосообраќајот, информираат од М-НАВ.
– По одржаниот Kick-off состанок со тимот на Леонардо и домашните компании ангажирани како подизведувачи, кој се одржа на 01.12.2025 година, денеска официјално започна процесот на демонтажа на стариот и неупотреблив радар на Меѓународниот Аеродром Скопје, како и подготовка за инсталација на новиот современ Мод S радар – велат од М-НАВ.
Оттаму посочуваат дека оваа фаза претставува значаен чекор во рамки на проектот за модернизација на системите за надзор на воздушниот сообраќај.
– Процесот се реализира со висок степен на координација и професионална посветеност, при што посебно се истакнува напорното залагање, ангажманот и експертизата на стручниот и технички персонал, кој има клучна улога во реализацијата на ваков комплексен проект – се наведува во соопштението.
По завршувањето на демонтажата, како што информираат од М-НАВ, ќе следуваат дополнителни градежни активности за поставување на новата конструкција, како и инсталација на новиот современ Мод S радар, со што значително ќе се унапреди безбедноста и ефикасноста на управувањето со воздушниот сообраќај.
Согласно предвидената динамика, целосното пуштање на новиот радар во оперативна употреба се очекува во јуни 2026 година.
– Менаџментот, во тесна соработка со Владата на Република Северна Македонија и со Министерството за транспорт, останува цврсто посветен на спроведување и конечно завршување на стратешките проекти, кои од неразбирливи причини со години тапкале во место, со јасна цел – модерна, безбедна и функционална воздухопловна инфраструктура – велат од М-НАВ.