ПОЧНА БИТКАТА НА МАШИНИТЕ – ГУГЛ И БИНГ ВО ПРВ ДВОБОЈ! Иднината на Вештачката интелигенција се решава уште денеска

Пребарувачот Бинг најави дека ќе го интегрира ChatGPT на својата платформа, а Гугл, кој не смее ништо да препушти на случајот, најави дека исто така на својот пребарувач ќе интегрира програма за Вештачка интелигенција под името Бард.

1,130

Двата најголеми сервиси за пребарување на содржините на интернет, Гугл-срч на Гугл и Бинг на Мајкрософт, влегоа во беспоштедна трка на пазарот на вештачката интелигенција, кој ги покажа своите можности со лансирањето на алатката ChatGPT, која постигна невиден почетен успех и за кратко време привлече огромен број претплатници.

Пребарувачот Бинг најави дека ќе го интегрира ChatGPT на својата платформа, со оглед на тоа што Мајкрософт веќе има огромни вложувања и сопственички удели во Опен АИ, компанијата што ја разви оваа алатка на Вештачката интелигенција (ВИ или АИ). Гугл, пак, кому му се прогнозираат огромни проблеми со појавата на ChatGPT, не смее да си дозволи да остане надвор од трката, иако има лавовски дел од дури 90 проценти од вкупниот пребарувачки сообраќај на интернет, далеку повеќе од Бинг, кој има само 9 проценти.






ChatGPT ја врши истата работа како и Гугл-срч – го пребарува интернетот и дава одговори, но далеку поелегантно и поедноставно. Прогнозите се дека на Вештачката интелигенција ѝ се доволни две години за да го исфрли Гугл од бизнисот. Она што е „утешно“ во моментов е дека користењето на вештачка интелигенција за добивање на резултати од интернет е значително поскапо од она што Гугл го користи во моментов.

Но гигантот Гугл, кој не си дозволува ништо да препушти на случајноста, најави дека исто така на својот пребарувач ќе интегрира програма за Вештачка интелигенција под името Бард. Веќе денеска во Силиконската долина се очекува да бидат претставени можностите на Бард.

Новата верзија на Бинг, со интегриран GPT-4 модел е веќе функционална. Сепак за пристап до неа има листа на чекање.

Бинг сo вештачката интелигенција функционира слично како и ChatGPT. Корисникот поставува прашање и добива одговор, кој наликува како да доааѓа од човек. Најголема разлика во вештачката интелигенција која се користи на пребарувачот е базата на податоци на која е трениран моделот. За разлика од ChatGPT кој „оперира“ со податоци објавени на интернет до 2021 година, Бинг ги има и актуелните податоци, објавени до овој момент. Слично нешто веќе најави и Гугл со Бард.

Во пребарувањето на Бинг ќе има опција да видиме и од каде се изворите од кои се црпат информациите. Заедно со оваа информација ќе бидат достапни и линкови на кои корисникот ќе може да прочита повеќе. Ако некој не е задоволен од одговорите ќе може да остави и коментари. Во зависност од темата, некои од одговорите, вклучувајќи ги тука прашањата за купување, може да бидат придружени со реклами.

Вештачката интелигенција во Бинг ќе може да се користи и за генерирање објави на друштвените мрежи, како Фејсбук, Твитер, Инстаграм и слично. Во овој случај се внесуваат неколку клучни зборови, но и тонот на текстот, форматот и должината. Покрај овие функционалности, вештачката интелигенција ќе може да се користи и за сумирање на содржина на текст, споредување, или креирање друга содржина врз база на текстот.

Развојот на Вештачката интелигенција отвора, и допрва ќе отвора многу етички и технолошки дилеми. Први во чудо ќе се најдат образовните институции, зашто ChatGPT со леснотија пишува есеи, научни трудови, решава задачи, и решава технички проблеми. Неговите „трудови“ се на ниво на просечен студент. Неговите програмерски способности особено се истакнуваат. Може и да генерира слики, па дури и уметнички дела, поеми, да компонира музика врз основа на пишан текст и слично. Во еден експеримент чет-ботот дури успешно„дипломирал“ медицина!? Сето оова ќе го наметне прашањето за неговото користење од страна на учениците и студентите. Многу други употреби и можни злоупотреби на оваа технологија останува допрва да се откриваат.

Поврзани содржини