Почна амандманската расправа за Буџетот во 2021 година, поднесени 528 амандмани
Само ВМРО-ДПМНЕ поднесе 390 амандмани, останатите за на Алијанса и Алтернатива.
Во Собранието од денеска се расправа по поднесените амандмани на Предлог-буџетот за 2021 година. Амандманите се разгледуваат во рамки на расправата во Комисијата за финансирање и буџет, а најголемиот број се поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
На предлог-текстот се поднесени вкупно 528 амандмани, најголемиот дел од ВМРО-ДПМНЕ – 390 и останатите од Алијанса на Албанците и Алтернатива.
На прес-конференција Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека ќе инсистираат на итни и интервентни политики насочени кон намалување на загадувањето и справувањето со сите негативни појави во областа на животната средина.
– Преку консултација со невладината организација 02 Иницијатива, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе голем број амандмани кои ќе овозможат во краток рок да отпочне примена на конкретни политики – рече Муцунски.
Заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски во интервјуто за МИА, објавено викендов, наведе дека се разгледуваат амандманите во Министерството за финансии и дека секој предлог што е добар, издржан и реален ќе се обидат да најдат средства и да биде прифатен.
-Има повеќе амандмани, најголем дел се од областа на транспорт и врски, од локална инфраструктура, водоводи и слично. Со големо внимание тимот во Министерството за финансии ги разгледуваме сите и ја очекуваме амандманската расправа. Можам да кажам дека секој предлог кој е добар и воедно издржан, образложен, реален предлог, предлог кој е за доброто на граѓаните, ние ќе настојуваме да најдеме средства и да го прифатиме. Парламентот треба да биде место каде се дебатираат идеи како да го направиме подобар животот на граѓанит – рече Ковачевски.