ПОЧИТ ЗА ХРАБРИТЕ БОРЦИ Македонија денеска го одбележува 11 Октомври, симболот на отпорот

На 11 октомври 1941 година започна востанието против фашизмот, кое го означи почетокот на борбата за слобода и државност на македонскиот народ.

291

11 Октомври претставува еден од најзначајните датуми во македонската историја – симбол на отпорот, храброста и борбата за слобода. Со овој ден започна организираната борба на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор, со што се трасира патот кон ослободување, самобитност и државност.

Настаните од 11 октомври 1941 година во Прилеп го означија почетокот на Народноослободителната и антифашистичката војна во Македонија. Партизаните од Првиот прилепски партизански одред го нападнаа бугарскиот полициски пункт, затворот и ги прекинаа телефонските и електричните врски, со што го означија почетокот на организираниот вооружен отпор.






Веќе следниот ден, на 12 октомври, востанието се прошири и во Кумановско. Во месноста Менкова колиба беше формиран Карадачкиот партизански одред, а во месноста Студена вода — Кумановскиот партизански одред. Заедно ги интензивираа борбите против окупаторот и ја зацврстија решеноста на народот за слобода.

Секоја година, 11 Октомври нè потсетува на непокорот и жртвата на македонските партизани кои со својата борба ја впишаа Македонија на мапата на антифашистичкиот отпор во Европа.

Со 11 Октомври започна нашето патување кон слободата, кон државата и иднината. Тоа е денот кога македонскиот народ јасно кажа „не“ на фашизмот“, велат историчари и учесници на комеморативните настани што денеска се одржуваат низ државата.

11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.

Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.

Минувајќи го патот на својот повеќедецениски развој и растеж како дел од СФРЈ, а потоа и како самостојна држава, пребродувајќи го конфликтот во 2001 година, Македонија денес е полноправна членка на Обединетите нации, членка на НАТО и очекува одржување на првата меѓувладина конференција која означува старт на преговорите за членство со Европската Унија.

Oдбележување на Денот на народното востание

Празникот годинава ќе биде одбележан со свечена академија во Прилеп и доделување на истоимената награда во Скопје.

Свечената академија под мотото „На вистинската патека, за татковина со иднина“ ќе се одржи во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и на неа, според најавата од владината прес-служба, ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.

Во Скопје, во Собранието ќе бидат доделени годинашните награди „11 Октомври“. Наградата за животно дело во областа на културата и уметноста ќе им биде врачена на актерката Теута Ајдини Легени, хорскиот диригент проф. Летка Димовска и на продуцентот и промотор на македонската уметност Иво Јанкоски. Во областа на науката и образованието годинава наградата ќе му биде врачена на проф. д-р Константин Димитров, машински инженер и на академик Глигор Јовановски, хемичар.

Добитници на државната награда „11 Октомври“ во 2021 година за највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес на Република Македонија.

По повод празникот ќе биде положено и цвеќе на партизанските гробишта во Бутел, како и пред Спомен-костурницата во Куманово и спомениците на Методија Андонов – Ченто, Кузман Јосифовски – Питу и Могилата на непобедените во Прилеп.

Денешниот ден, согласно Законот за празници, е прогласен за неработен ден во земјава.

Поврзани содржини