На 94-години почина доајенот на македонската адвокатура, Саво Коцарев, кој активно 55 години до крајот на својот живот ја извршуваше адвокатската дејност што претставува една од најдолгите и најплодните адвокатски кариери во Македонија.
Препознавајќи го неговиот ентузијазам и исклучителен придонес во изградбата на македонската адвокатура, минатата година Адвокатската комора му додели плакета за 55 години успешно извршување на адвокатската дејност и за подигнување на угледот на адвокатурата.
Коцарев е роден на 11 декември 1928 година во Охрид. Основно и средно образование завршува во Охрид. Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, по што го положува и правосудниот испит. Својата кариера ја започнал како правен референт во различни организации, а во 1961 година работи како стручен соработник во Општинскиот суд Скопје 1. Во Именикот на адвокати се запишува на 01.07.1967 и оттогаш ја извршува адвокатската дејност. Носител беше на лиценцата со број 31.