ПОЧИНА ЃОРЃЕ МАРЈАНОВИЌ Професорот по кривично право замина на 83 години

1,046

Ѓорѓе Марјановиќ, истакнат интелектуалец, професор по кривично право на Правниот факултет во Скопје, почина денеска на 83 години.

„Со неговата смрт загубивме драг и почитуван колега, доајен на казненото право и автор на бројни научни и стручни трудови, успешен интелектуалец, извонреден предавач, одличен педагог, посветен наставник и истражувач и особено ценет пријател“, се наведува во соопштението од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.






Ѓорѓе Марјановиќ е роден во Стара Моравица, Србија, на 6 мај 1939 година.

Марјановиќ дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1962. Магистрирал на постдипломските студии по казнено-правни науки на Правниот факултет во Загреб во 1968 со тезата: “Правните последици на осудата”.

Докторирал на Правниот факултет во Скопје во 1973 со тезата “Правната положба на осуденикот по издржаната казна”. Сиот работен век, освен приправничкиот стаж (1962-1964) во Основниот суд-Скопје II, го поминал на Правниот факултет во Скопје: асистент (1965-1974); доцент (1974-1979); вонреден професор (1979-1985) и редовен професор (1985-2001).

За време на комунизмот професионално се ангажирал за слобода на уверувањето, совеста, мислата и нејзиното јавно изразување, покренувајќи го прашањето за укинување на некои тогаш мошне проблематични инкриминации:

на XXI советување на Југословенското здружение за кривично право и криминологија (Струга, 24-25 октомври 1983) во уводниот реферат побарал укинување на фамозниот “деликт на мислење”, содржан во чл. 133 КЗ СФРЈ, за што бил изложен на остри критики од страна на комунистичкиот естаблишмент и партиски казнет, по што самиот истапил од Сојузот на комунистите на Југославија;

се залагал за посебен третман на политичките затвореници во пенитенцијарните установи на СФРЈ;

се залагал за слобода на совеста во врска со инкриминацијата-Одбивање прием и употреба на оружјето (чл. 202 КЗ СФРЈ) од страна на припадниците на некои верски заедници.

Марјановиќ е член на Форумот за човекови права на Македонија од неговото основање.

По воведувањето на повеќепартискиот систем ја основа и е избран за претседател на првата опозициона партија во Македонија – Лига за демократија (од 21 ноември 1989 година, кога ја напишал нејзината политичка платформа). На чело на партијата е до 2006 година, кога по парламентарните избори, се повлекува од функцијата претседател на Лигата за демократија.

Познат е по своите колумни во „Дневник“, а по локалните избори 2005 година е советник во Советот на град Скопје.

Поврзани содржини