ПОЧИНА ОПЕРСКАТА ПРИМАДОНА МИЛКА ЕФТИМОВА Отпеа 40 оперски улоги и повеќе од 1.200 пати застанa на сцената

Милка Ефтимова беше редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

178

На 89-годишна возраст почина оперската примадона Милка Ефтимова, доајен на Македонската опера и амбасадор на македонската уметност и култура во светот.

Во својата долготрајна, богата и плодна кариера, таа отпеа 40 оперски улоги, како и многубројни партии во ораторијални дела и соло изведби, застанувајќи повеќе од 1.200 пати на оперската и на концертната сцена, во дваесетина земји низ светот.






Со извонредна музикалност и изразито чувство за артизам, таа ги креираше Орфеј во „Орфеј и Евридика“, Ацучена во „Трубадур“, Еболи во „Дон Карлос“, Сузуки во „Мадам Батерфлај“, Марфа во „Хованшчина“, Урлика во „Бал под маски“ и многу други, а најголем печат остави во насловната улога на „Кармен“. Од оперската сцена јубилејно се прости токму со Кармен на 6 ноември 1991 година.

Милка Ефтимова е родена во Радовиш на 26 февруари во 1936. Завршила средно музичко училиште во Штип, музичка академија во Љубљана.

Милка Ефтимова беше редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, наставник на Музичко-балетскиот училиштен центар во Скопје и Средното музичко училиште во Штип. Во нејзината богата оперска кариера одликувана е со наградите: „11 Октомври“ (1985), „Св. Климент Охридски“ (2001), „Мајка Тереза“ (2009), како и Орден за заслуги на Република Северна Македонија (2022).

Ефтимова последните години од животот ги поминала во дом за стари лица во Скопје. За последниот роденден во февруари годинава, оперската пејачка Весна Ѓиновска-Илкова со уште неколку блиски на Ефтимова ја изненадиле со торта во Домот.

Погребот ќе се изврши в сабота (16 август) во 11 часот на гробиштата во Радовиш.

 

Поврзани содржини