Како последица и компликации од ковид-19, по кусо боледување на 60-годишна возраст почина познатиот охридски доктор, хуманист, уметник и поет Драган Спасески Охридски.
Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ – Охрид изразува големо жалење поради загубата на својот долгогодишен доктор, истакнатиот македонски ортопед, поет и ликовен уметник, доктор Драган Спасески.
Доктор Драган Спасески е роден на 22 јуни 1960 година во Охрид. Завршил Медицински факултет во Скопје. Колегите и пациентите ќе го паметат како исклучителен професионалец, вреден и посветен лекар, кој зрачеше со алтруизам.
Самопожртвувано, низ секојдневна клиничка пракса им помагаше на пациентите, а со својот позитивен лик, енергичност и сестраност секогаш беше тука и за колегите, за професионална дискусија, личен разговор, совет и поддршка. Ќе биде запаметен и по неговиот општествен, хуманитарен ангажман како и по неговата пасија за уметноста, особено сликарството и поезијата.