ПОЧИНА ЛЕГЕНДАТА МИКИС ТЕОДОРАКИС Бараше Македонија и Грција да бидат федерација, а години потоа запеа друга песна (ВИДЕО)
Без оглед на драматичните разлики во неговите ставови во однос на Македонија, Теодоракис и кај нас ќе остане запаметен како врвен и обожуван композитор.
На 96-годишна возраст денеска во Атина почина познатиот грчкиот композитор, диригент и политичар Микис Теодоракис, препознатлив по неговото дело, музиката за „Гркот Зорбас“, јави МИА.
Теодоракис ѝ е познат на македонската јавност по концертот одржан во 1997 година во Скопје, но и по неговата поддршка на протестите против Договорот од Преспа и против употребата на терминот „Македонија“ во името на нашата земја.
Според грчките медиуми од 90-те години, за време на неговиот престој во Скопје, Теодоракис го посетил и гробот на Георгиос Алексис Зорбас, а на концертот одржан во МОБ, заедно со македонските уметници, го претставил своето музичко дело „Гркот Зорбас“.
На концертот присуствувале и претставници на државниот врв меѓу кои и тогашниот претседател Киро Глигоров.
Ова е архивска снимка од неговиот престој во Скопје во 1997 година:
Во 2018 година, кога во тек беа преговорите за името, како и една година подоцна по постигнувањето на Договорот од Преспа, а во Солун и Атина се одржуваа протести, Микис Теодоракис даде јавна и отворена поддршка на демонстрантите, неколку пати, преку грчките медиуми го изразуваше неговиот став против решението.
На еден од протестите во Атина, на 4 февруари 2018 година, беше еден од централните говорници и им се обрати на демонстрантите, упатувајќи порака дека „Македонија е една и грчка“.
Но, во таа 1997 година, тој имаше сосема спротивни ставови за македонско-грчките односи и проблемот со името. Во април 1997 година, пред Теодоракис да дојде и да одржи концерт во Скопје, весникот „Етнос“ откри дека на гробиштата „Бутел“ е погребан легендарниот јунак Јоргос Зорбас, од романот на Никос Казанѕакис „Гркот Зорба“.
Во изјава за весникот „Ексусија“ во истата година тој заговараше забрзано затоплување на односите меѓу двете земји.
– Зошто, на пример, да не направиме унапредување на односите, царинска унија или федерација? Мислам дека така прашањето на името ќе се надмине и дека односите на двете земји ќе се доведат до ниво на кое името веќе нема да биде важно – рекол тогаш Теодоракис.
Теодоракис е роден на 29 јули 1925 година на грчкиот остров Хиос, а во текот на неговиот живот, освен со музиката, се занимаваше и со политика и во периодот 1990-1992 година беше и министер и пратеник.
Членовите на грчкиот Парламент, утрово, на почетокот на денешната седница, со едноминутен молк го „испратија“ Микис Теодоракис.
Без оглед на драматичните разлики во неговите ставови во однос на Македонија, Теодоракис и кај нас ќе остане запаметен како врвен и обожуван композитор. Затоа, во придалагаме да уживате во две видео-снимки. Првата е темата „Гркот Зорбас“, а втората е компилација на неговите најдобри остварувања.
Уживајте!