ПОЧИНА ГАБИ НОВАК Само два месеци по смртта на синот Матија, замина и првата дама на хрватската поп музика
Легендарната Габи Новак почина на 89-годишна возраст во Загреб. Зад себе имаше одлична музичка кариера, но и голема трагедија, особено поради заминувањето на нејзините најсакани - нејзиниот сопруг Арсен Дедиќ, а неодамна, поточно, во јуни годинава, и нејзиниот син Матија Дедиќ
Почина Габи Новак, дамата со исклучителен глас, емоции и стил. Животот го заврши во 89-тата година, набргу по смртта на нејзиниот единствен син, Матија Дедиќ. Габи се борела со пневмонија во последните недели, но откако ја победила болеста, по враќањето во Домот за стари лица, таа едноставно почнала да се гасне.
Откако го загуби сопругот Арсен Дедиќ, кантавтор и композитор со кого беше во брак повеќе од четири децении, на 17 август 2015 година, Габи Новак се соочи со уште потешка лична трагедија на почетокот на јуни оваа година – кога почина нивниот син Матија Дедиќ, еден од најистакнатите хрватски џез пијанисти, на 52-годишна возраст.
Инаку, Габи Новак е родена на 8 јули 1936 година во Берлин, како ќерка на Хваранецот Ѓуро Новак и Германката Елизабет Рајман. Детството го поминала во Берлин и на Хвар, а подоцна се преселила во Загреб, каде што завршила Школа за применета уметност, насока графика. Кратко време работела како цртачка во Загреб филм, во студиото за цртани филмови.
Почнала да настапува кон крајот на 1950-тите, а нејзиниот препознатлив глас набрзо ја направил една од најомилените пејачки на југословенската музичка сцена. Нејзиниот репертоар вклучувал поп и џез, а веќе во текот на 1960-тите години стекнала голема популарност и признанија од критиката.
За време на нејзината богата кариера, таа снимила голем број албуми и синглови и соработувала со врвни композитори и музичари. Нејзините уметнички достигнувања се потврдени со бројни награди, вклучувајќи неколку награди Порин – во 2002 година за најдобра џез изведба, во 2003 година за албум на годината, најдобар женски вокал, најдобар поп албум и најдобра вокална соработка, а во 2006 година го доби и Порин за животно дело.
Габи Новак често е нарекувана прва дама на хрватската поп музика, а нејзината интерпретација, емоционален израз и уметнички стандард оставија траен белег врз музичкото наследство на Хрватска и поширокиот регион.
Својата последна песна, насловена како „Почетак“, Габи ја сними со својот син Матија и со Данијела Мартиновиќ.
Една од нејзините најубави песни е и песната „Памтим само сретне дане“.