ПОЧИНА ЕДЕН ОД ОСОМНИЧЕНИТЕ ПОЛИЦИСКИ СЛУЖБЕНИЦИ ЗА ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС“ Петров беше под сомнение дека потпишал документ за паркинг

Владо Петров како пензиониран полициски службеник беше осомничен дека додека бил главен инспектор за сообраќајни работи потпишал документ за паркинг-просторот пред т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани.

243

Почина Владо Петров, еден од осомничените полициски службеници во случајот за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени, соопштија на Фејсбук од Независниот синдикат на полицијата.

Владо Петров како пензиониран полициски службеник беше осомничен дека додека бил главен инспектор за сообраќајни работи потпишал документ за паркинг-просторот пред т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани.






„Трагедијата во Кочани ја зеде својата 63. жртва, за која најверојатно никој нема да зборува и да сноси одговорност. Владо не го издржа притисокот и не успеа да види ништо од пензијата. Правда за полицијата е повеќе од потребна, а веќе е многу доцни“, пишува на фејсбук-профилот на Независниот синдикат на полицијата.

Информацијата за смртта на пензионираниот полицаец ја сподели и Македонскиот полициски синдикат, од каде што велат дека нивниот пензиониран колега Петров не ја дочекал правдата.

„Системот наместо да ги заштити оние што чесно му служеле, често знае да ги скрши под товарот на неправдата. Владо Петров останува симбол на еден човек што го даде својот придонес за безбедноста, но не ја дочека вистината правната разрешница“, велат од Македонскиот полициски синдикат.

Под паролата „Први за осуда, последни за почит“, Независниот синдикат на полицијата вчера излезе на протест за да изрази револт кон Јавното обвинителство за, како што велат, третманот на нивните колеги кои се под истрага за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја води истрагата против триесет полициски службеници, кои се товарат дека како службени лица вработени во СВР Штип и полициската станица во Кочани не направиле целосна и детална проверка за издавање согласност за добивање лиценца за „Пулс“, во делот на безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир.

Првично во истрагата беа осомничени седум полицајци, за потоа во април таа да биде проширена со уште десетмина. Уште 13 полицајци беа осомничени во јуни годинава.

Постапката и понатаму е во фаза на истрага и ОЈО ГОКК сè уште нема поднесено обвинение, за разлика од другиот предмет во кој веќе има обвинителен акт за 34 физички и три правни лица за пожарот во „Пулс“.

Неодамна државниот јавен обвинител, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека оваа истрага трае толку долго бидејќи на неа работи само еден обвинител.

Судијката Диана Груевска-Илиевска од одделот Кривично полнолетни при Кривичниот суд Скопје ќе го суди предметот за „Пулс“ откако на 3 октомври е одобрен обвинителниот акт за случајот.

Поврзани содржини