ПОЧИНА ЧЕЗАРЕ ПАЧОТИ, ИТАЛИЈАНСКИОТ КРАЛ НА ОБУВКИТЕ Модниот свет во жалост по загубата на легендарниот дизајнер

Италијанскиот моден свет тагува по смртта на Чезаре Пачоти, визионерот што создаде бренд кој го дефинираше луксузот во светот на обувките.

1,089

Познатиот италијански моден дизајнер и претприемач Чезаре Пачоти почина на 69-годишна возраст, опкружен со своите деца и поширокото семејство.

Според соопштението објавено синоќа, Пачоти починал во својот роден град Чивитанова Марке, во централна Италија – место кое со децении важи за срцето на италијанската индустрија за обувки.






Причината за смртта засега не е објавена, а семејството побара почитување на приватноста во овој тежок период. Медиумите во Италија јавуваат дека дизајнерот во последните месеци се повлекол од јавноста, но и понатаму бил вклучен во работата на семејната компанија.

Пачоти зад себе остави богато наследство во светот на модата, со дизајни кои ги носеле бројни холивудски ѕвезди, музичари и јавни личности. Неговите обувки беа симбол на италијанскиот луксуз, препознатливи по металниот бодеж – заштитниот знак на брендот Cesare Paciotti.

Кој беше Чезаре Пачоти?

Чезаре Пачоти е роден во 1956 година во Чивитанова Марке, Италија, во семејство кое веќе било вклучено во производство на обувки. По завршувањето на студиите на Академијата за ликовни уметности во Рим, тој ја презел семејната фабрика основана во 1948 година и во 1980-тите ја трансформирал во модна империја позната ширум светот.

Под негово водство, брендот Cesare Paciotti стана препознатлив по спојот на елеганција и бунтовност, со производи кои комбинираат рачна изработка, смел дизајн и уникатни детали. Пачоти успеа да го внесе својот потпис во колекциите на модни недели во Милано, Париз и Њујорк, а неговите обувки ги носеа имиња како Мадона, Џенифер Лопез, Леди Гага и Дејвид Бекам.

Со години беше сметан за еден од највлијателните дизајнери на обувки во светот, кој успеа да ја зачува италијанската традиција во производство, но со современ и провокативен израз.

Поврзани содржини