ПОЧИНА АВАНГАРДНИОТ ЕДИ ПАЛМИЕРИ Беше ѕвезда на латино музиката и добитник на „Греми“

26

Еден од најиновативните уметници на румбата и латино џез музиката, Еди Палмиери, почина на 88-годишна возраст. Авангардниот музичар, чија кариера траеше речиси шест децении, почина вчера (6 август) во својот дом во Њу Џерси по долга и тешка болест, пренесуваат странските медиуми.

Пијанистот, аранжерот, продуцентот и композиторот Еди Палмиери, кој издаде околу четириесет албуми, беше првиот Латиноамериканец кој беше крунисан со наградата „Греми“, а подоцна освои уште седум вакви престижни награди.






Еди Палмиери е роден во Харлем, Њујорк, на 15 декември 1936 година, во време кога свирењето музика симболизираше „излегување од гетото“.

– Јас сум фрустриран перкусионист, па затоа го искажувам својот гнев на пијано – велеше Палмиери, кој ја освои својата прва награда „Греми“ за албумот „Сонцето на латинската музика“.

Како пијанист, тој свиреше со оркестарот на Еди Форестер во текот на педесеттите години, а подоцна се приклучи на бендовите на Џони Сеги и Тито Родригез. Заедно со тромбонистот Бери Роџерс и пејачот Исмаел Кинтана, тој го основа бендот „Ла Перфекта“ во 1961 година. Тоа беше првата група што, наместо труби, имаше тромбонска секција, што беше редок случај во латино џезот, потсетува агенцијата АП.

Палмиери продуцираше неколку албуми за „Алегре“ и „Тико рекордс“, вклучувајќи го и класикот од 1971 година „Vámonos pa’l monte“. Неконвенционалниот пристап на Еди повторно ги изненади критичарите кога го издаде албумот „Harlem River Drive“, во кој ги комбинираше афроамериканските и латино стиловите, создавајќи звук кој беше мешавина од салса, фанк, соул и џез.

Во текот на осумдесеттите години, тој освои уште две „Греми“ награди за албумите „Palo pa’ rumba“ и „Solito“. Палмиери го издаде албумот „Masterpiece“ во 2000 година, здружувајќи се со легендарниот Тито Пуенте, кој почина подоцна истата година. Беше хит и освои две „Греми“ награди.

Пред повеќе од две децении, Универзитетот Јеил му ја додели „стипендијата Чаб“, која обично им се доделува на шефови на држави, политички лидери, добитници на Нобелова и Пулицерова награда и широк спектар на високо остварени поединци, како признание за неговата работа за градење заедници преку музика.

Дури и кога наполни осумдесет години, тој продолжи да објавува музика, а за време на пандемијата настапуваше, емитувајќи концерти преку интернет.

Уметникот зад себе остави пет деца и четири внуци. Неговата сопруга Ираида почина во 2014 година.

Поврзани содржини