Почетокот на крајот на Прекиот суд на Зоран Заев

Оваа хајка што сега се води против судиите на скопска Апелација, коишто со право ја укинале првостепената пресуда за „Таргет - Тврдина“, поради суштествени повреди на постапката, оваа хајка во која учествуваат не само медиуми, туку и шефот на државата, премиерот и министрите, сите поттикнати од поранешниот премиер Заев, ја покажува неспремноста на Македонија да се откаже од погубното истерување „ревцолуцинерна правда“ и да тргне по патот на вистински реформи на судството, добро владеење и реална, а не само декларативна борба против корупцијата.

11,380

Ги читам „шокираните“ и „разочарани“ Зоран Заев, Стево Пендаровски, Димитар Ковачевски и министрите, ги читам тирадите и жалопојките во некои медиуми после одлуката со која Апелацискиот суд во Скопје со право ја укина првостепената пресуда за предметот „Таргет – Тврдина“ поради суштествени повреди на постапката и не знам дали да плачам или да се смеам.

А не е ни за плачење ни за смеење. Всушност, време е добро да се објаснат некои работи. Да се допре до корените на злото. И така, се роди овој напис, наменет само за тие што не се премногу шокирани, разочарани, изненаѓени и увреѓени.






Што беше намерата на Шарената револуција?

Ќе почнам од прашање што вчера јавно го постави муртинскиот мудрец – за ова ли се боревме во Шарената револуција?

Нема да водам со Заев полемика за моралот. Нема да го потсетувам на неговите изјави за Сашо Мијалков во врска со прислушувањето. Нема да зборувам ни за гласањето за Преспанскиот договор. Ќе одмолчам (засега) и многу други, за Заев непријатни нешта. За нив евентуално би можел да разговарам на кафе со американската амбасадорка Анџела Агелер. Во оваа анализа ќе го „распупиме“ она „суство“ што го замисли Заев, оној негов чуден и валкан план за истерување на некоја негова „правда“, план којшто донекаде беше остварен.

Да си кажеме право, намерата на Шарената револуција и на човекот што ја присовои и што ја злоупотреби (спомнатиот Заев), никогаш не беше да се обезбеди правда (без која нема мир, нели) преку владеење на правото и со реформа на правосудството, како што бараа Европскагта комисија и Прибе. Извештајот на Прибе беше злоупотребен, а човекот беше брутално излажан и потоа заборавен. Никој веќе за него не сака ни да слушне.

Не, намерата на „револуционерите“ беше да се обезбеди брза и безмилосна правда, луѓето политички идентификувани како криминалци да висат на бандери или да завршат на долгогодишни робии, а секако и да им се одземат не само украдените, туку и сите пари и имоти.

Се сеќавате на скандирањата „че си лежите“? Јас никогаш не сум изустил такво нешто, но факт е дека марширав заедно со такви што веруваа дека правдата ќе биде задоволена само ако политички идентификуваните криминалци бидат осудат итно и драконски.

Што е тоа прек суд?

Да бидеме објективни, за да се спроведе правда не се секогаш неопходни правен систем, обвинителства, судови, правила на игра, фер постапки. Историјата нѐ учи дека еден чесен и праведен султан или цар понекогаш може да испорача повеќе правда и од правниот систем на било која модерна и цивилизирана европска земја. Таков глас го бие царот Соломон, на пример.

И за Соломон можеме да полемизираме, но за шарените револуционери Заев беше (за некои и остана) егзамплар на чесност и мудрост, праведен султан, цар и говедар. Три во едно. Неговата „праведност“ беше претпоставена. Додека на политички идентификуваните криминалци не им се признаваше правото на презумпција на невиност, на Заев му се призна правото на презумпција на мудрост и на праведност.

За да не си ја распрснуваме илузијата за муртинецот, ги одмолчавме сомневањата за аферата „Глобал“ (поради која Заев беше аболициран од Бранко Црвенковски), ги затнавме ушите за „Евро за Вицето“ и ги покривме очите да не гледаме како Заев го уценува Никола Груевски во премиерскиот кабинет со неговите (Заеви) „бомби“.

На многумина тогаш им беше поважно да ја поддржиме идејата да се формира прек суд, кој ќе ги осуди политички идентификуваните криминалци по кратка постапка. И да си кажеме право, многу вистина жртвувавме на олтарот на политичкиот опортунитет, за да се оствари таа цел. Признавам јавно, јас сум еден од виновниците за тоа и сега се каам.

Го знаете ли значењето на придавката „прек“, на српски „преки“, на хрватски „пријеки“? Има повеќе значења, од кои две се клучни кога таа придавка се поврзува за именката „суд“: зборот „прек“ е изведен од зборот „преку“, а тоа значи да се премости нешто по пократок пат, да се заобиколи, да се најде шорткат; зборовите „преки“ и „пријеки“ на соодветните јазици значат и лут, остар и безмолосен.

А знаете ли кои се петте најважни карактеристики на прекиот суд како институција?

Прво, тоа е вонреден суд, ад хок институција којашто не постои во правниот систем, која не се избира по редовен пат туку се наметнува со декрет.

Второ, прекиот суд се формира во вонредни околности – војна, револуција, побуна, пуч.

Трето, прекиот суд суди по скратена постапка, надвор од правилата на редовната казнена постапка.

Четврто, ваквиот суд по правило донесува екстремни пресуди, смртни казни или долгогодишни робии.

Петто, пресудата на прекиот суд е правосилна и извршна, нема жалбена и постапка и други правни лекови за осудениот, освен молба за помилување.

СЈО беше Прекиот суд на Зоран Заев

Носен на крилјата на Шарената револуција и поддржан од меѓународниот фактор поради неговите лажни ветувања, Зоран Заев се потруди да формира свој Прек суд. Тоа беше Специјалното јавно обвинителство. Ако се сеќавате, имаше и идеја покрај СЈО да се формира и некаков специјален суд. Беше тоа Фројдовска намера, која не помина. Ќе беше премногу за вкусот на европјаните. Сепак, СЈО ги имаше сите најважни атрибути на Прек суд.

Прво, тоа беше ад хок институција, каква што не постоеше во македонскиот правени систем (откако пропадна, не беше возобновена). Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева беше политички откроирана. Целосно анонимна, црпната некаде од југот на земјата, политички одобрена од Груевски, од Заев и од американскиот амбасадор Бејли, таа требаше да биде ѕвезда. Кратко време и беше тоа. Во моите очи – никогаш.

Второ, околностите беа вонредни. Бевме среде Шарената револуција. Рушевме режим „со пенкало“. Некои револуционери носеа маички со „трите грации“, со ликовите на Јанева и на нејзините две главни помошнички, обвинителките Фатиме Фетаи и Ленче Ристова. Народот бараше бесења и робии. На спектакуларните, театрални и исклучително посетени прес-конференции во СЈО, во оргазмички занес се препрочитуваа транскриптите на нелегално снимените разговори, се соопштуваа бајковити обвиненија и наместо да се разговара за докази, се прикажуваа пауер-поинт презентации и инфографици. Новинарите лудуваа од среќа. Никој тогаш не помислуваше дека таа забава ќе има брз и неславен крај.

Трето, СЈО мораше да обвинува и да суди (по принципот „кадија те тужи, кадија те суди“) надвор од правилата на редовната постапка. Клучно барање беше нелегално прибавените нелегално снимени разговори, кои Законот за кривична постапка не ги признава за докази, да се признаат како докази. И тоа мораше да се направи. Со „послаб“ закон се дерогираше посилен закон. Ненормална работа. Ретки беа тие што предупредуваа дека со самиот тој чин, покренатите кривични постапки беа трајно искомпромитирани. Но, тогаш се делеше „правда“ од ракав, без почитување на правото и на правилата на игра, па на многумина сето тоа им се чинеше политички опортуно и неопходно.

Четврто, СЈО испорача обвиненија, на кои им недостасуваше сѐ што е неопходно да бидат правно издржани и уверливи, но затоа во нив се бараа екстремно високи казни. И редовните обвинителства и судови, кои „пречесниот“ и „мудар“ Заев ги стави под своја контрола (нека ме праша амбасадорката Агелер како и преку кого, ќе ѝ го кажам и тоа, нема да помине со кафе, ќе треба и штипска пастрмајлија), силно притиснати и во атмосфера на јавен линч, носеа обвиненија и осудителни пресуди со драконски казни. Јавноста ликуваше и аплаудираше, како што публиката што ги следи бесењата или обезглавувањата на гилотина секогаш ликува и се радува кога го гледаат претсмртниот грч во нозете на обесениот, или крвавата глава отсечена од трупот на виновникот.

Петто, намерата беше „пресудите“ на Прекиот суд на Зоран Заев да бидат конечни и извршни. Првостепениот Кривичен суд во своите пресуди требаше да ги препишува обвиненијата, а Апелација да ги потврдува неговите пресуди. Во голем број случаи, за жал, така и се постапи. Јавноста, желна за крв, со ретки исклучоци, го одобри тоа ново подјармување на целиот правосуден од страна на „пречесниот“ наш султан, цар и говедар. И ако не се случеше непредвидената хаварија на СЈО, оваа нова машина на злото ќе можеше да функционира ефикасно и долго, а меѓународниот фактор ќе ја препознаеше како реформа, со зборовите „правда“, „неказнивост“, „борба против корупција“ и слично.

Непредвидената хаварија на СЈО

Но, СЈО брзо се распадна. Специјалката Катица Јанева сега е во затвор поради рекет. Од институцијата што требаше да биде гордост на владата на Заев и на Американците, ете нема ни трага ни глас. Заевиот концепт на правда без почитување на правото и без добро владеење сега мораше да се спроведува со дополнителни притисоци врз обвинителите и врз судиите во редовните обвинителства и судови.

Со еден збор, СЈО се распадна, но Прекиот суд на Зоран Заев сепак опстана. Се држи уште, ама чинам дека веќе му иде крајот…

Инаку, ако верувате во приказните на Заевата пропаганда за тоа зошто и како се распаднало СЈО, тогаш тоа е ваш проблем. Јас навистина не би сакал повеќе да ја потценувам вашата интелигенција повеќе одошто вие тоа самите си го правите. Вистината сепак е поинаква и таа треба јавно да се каже.

Компромитацијата на СЈО почна кога Јанева се обиде да испреговара спогодба за едно од најспектакуларните пауер-поинт обвиненија, она за „Империја“. Веројатно преговорите за таа спогодба ќе завршеа успешно и ќе се запленеа пари и имот приближно еднакви на сега запленетите, да не се случеше пресврт. Легендата вели дека во еден момент, двајцата црпнати, Катица и Заев, си поставиле едно логично прашање – парите од спогодбата ќе завршат во државниот буџет, но какво фајде имаме ние од тоа? Сетете се, тоа е време кога Катица и Зоќе интензивно се дружат со Боки Тринаесетка, а тоа им ја засилува „логиката“. Тоа е време кога за „Чарлиевите ангели“ се снимаат документарци, а две од трите „грации“ (да ја иземеме, сепак, скромната Ленче Ристовска) се ѕвезди и во кафеаните и во скопските ноќни клубови.

Ако врти бројчаникот за државата, фер ли е да не врти и за ѕвездите? Ионака не беа доволни незаконските бонуси за ведетите на СЈО…

И така, всушност, почна лебедовата песна на институтијата гордост на Заевото правосудство и на „правдата“ на Шарената револуција, таа револуција којашто брзо и лакомо ги изеде своите деца.

Подмолниот „вирус“ и рекетот

Во поголемиот дел од обвиненијата на СЈО, па и во оние на другите обвинителства, како и во поголем дел од првостепените пресуди во врска со случаите поврзани директно или посредно со режимот на Груевски – кој падна пред шест години, ама против него се уште се води интензивна „борба“! – смислено и подмолно беше инјектиран „вирусот“ на суштинските повреди на правилата на кривично-правниот прогон и на доказните постапки.

Што да ви расправам? Сум пишувал фермани за тие работи…

Истраги со поминати рокови.

Некои други истраги во фиоки…

Обвиненија без докази.

Пресуди што се потпираат на „бомбите“ како исклучиви докази (а зборот беше да се прифатат како индиции што ќе ги доведат истражителите до материјални докази).

Поклонување верба на сомнителни и на дискредитирани сведоци.

Утврдена вина во повеќе случаи и досудени отштетни побарувања без економско-финансиски вештачења.

Абе циркузи и срамотилаци!

Малку луѓе во јавноста водеа сметка за овие нешта. Масата беше имуна на овие „вируси“. Се сметаше и некаде сѐ уште се смета дека за да се дојде до правдата е важна само силната волја. И дека ничија невиност не смее да се претпостави. И дека не се докажува вината, туку невиноста. И дека е сепак е најважно Прекиот суд на Зоран Заев да ја заврши својата работа. Мудро и одлучно.

За жал, на многу луѓе не им беше јасно дека уште од самиот почеток на оваа голема лакрдија, тој страшен Прек суд имаше поважна цел – да, политички идентификуваните злосторници да се осудат, но и да се изрекетираат и да се ограбат. А најголемиот од нив, Груевски, да се пушти да избега, да се отстрани физички, да се остракира. Беше некако претежок за шемава…

Тврдам дека безмалку нема осомничен, обвинет и осуден во кривично-правниот прогон што го спроведе Прекиот суд на Зоран Заев којшто не платил рекет. За да не му се земе пасошот. Ако му е земен, да му се врати пасошот. За да не биде во притвор. Ако е веќе таму, да биде пуштен од притвор. За подобра ќелија. За телефон зад решетки. За домашен притвор. За наклонетост на судијата. За поблага пресуда. За што ли не…

Милиони евра завршија во приватни џебови за милоста на овој Прек суд. Не верува Анџела? Нека спреми добра риба маестро Столе Воденица, тој муабет не е за пастрмајлија…

А сите се чудеа како можеше да се случи она со Катица Јанева, оној срам специјалната јавна обвинителка да заврши во затвор со правосилна судска пресуда. Јас, пак, ич не се чудев. И нема да се чудам ако се случи во затвор да завршат и нејзините неказнети партнери, кои останаа нечепнати поради некакви политички заслуги.

Притисокот врз судиите не е добра препорака за Македонија

Но, сѐ си има свој крај. Ми се чини дека наближува и крајот на Прекиот суд на Зоран Заев. За среќа, не можеме ни назад, таму каде што беа црпнати главните актери на оваа драма, а богами не можеме ни напред, таму во ЕУ, каде што сепак важат некои поинакви правила на игра и кога се зборува за борба против организираниот криминал и корупцијата, се нагласуваат и доброто владеење и владеењето на правото.

Во Македонија дојде „камшикарот“. Ама ми се чини дека тој не е таков каков што го замислува Зоран Заев.

Никој веќе нема да трпи вакви кривични прогони. Пресудите со вграден „вирус“ (како и актуелната за „Таргет – Тврдина“, чие укинување од Апелацискиот суд предизвика бура негодувања во дел од јавноста), ќе паѓаат. И треба да паѓаат, драги мои. Судиите во иднина ќе бараат докази, вештачења, уверливи сведочења, издржани обвиненија. Таму каде што нема такви, има да гледаме ослободителни пресуди. И треба да има, дами и господо судии!

Можеби нашите обвинители и судии не можат да се пофалат со гранитен личен интегритет и со отпорност на притисоци, но тие не се глупави и функционираат на развиен инстинкт. А инстинктот им кажува дека не се обврзани да го понесат личниот товар на одговорноста за неиздржаните пресуди и за драконските казни за случаите кои кривичниот прогон се водеше, а некаде сѐ уште се води според стандардите на Прекиот суд на Зоран Заев.

И за тоа никој не смее да им замери. Никој не смее да ги повикува на одговорност. Најмалку министрите и политичарите. Судиите не се должни своите пресуди да ги образложуваат на телевизиски дебати или на партиски митинзи, тие треба да судат според законот и своите пресуди да ги бранат во нивните образложенија. Оваа хајка што сега се води против судиите на скопска Апелација, коишто ја укинале првостепената пресуда за „Таргет – Тврдина“, хајка во која учествуваат не само медиуми туку и шефот на државата, премиерот и министрите, сите поттикнати од поранешниот премиер Заев, тоа е флагрантен притисок врз Судот. Ова не е ни цивилизарно ни европско поведение и за тоа мора да бидат известени сите европски институции.

А да не заборавиме, политичките притисоци врз судството и подлегнувањето под тие притисоци се клучната причина поради која довербата на народот во судството е 8 отсто и затоа овде „камшикари“ од надвор почнаа да доаѓаат и без покана.

Паѓа главата на Дантон, паѓа и на Робеспјер

Некој праша – дали вака изгледа крајот?

Не, вака изгледа почетокот на крајот на Прекиот суд на Зоран Заев.

Крајот може да изгледа и разочарувачки, ама и охрабрувачки.

Ако актуелниот притисок врз судиите го продолжи животот на Прекиот суд на Зоран Заев, ќе се случи она што најмалку го посакувам. Обвинителите и судиите ќе потклекнат. Но, порано или подоцна, ќе дојде до промена на власта во Македонија. Новата власт политички ќе идентификува нови злосторници и криминалци. И ќе им суди, се разбира. Како? Па на ист начин како што досега судеше Прекиот суд на Зоран Заев. Денес на гилотина паѓа главата на Дантон, утре паѓа главата на Робеспјер. Тоа е толку предвидливо, како судбината на фрленото топче кое не може да остане да лебди, туку по законот на гравитацијата мора да падне на земјата.

Крајот може да биде и охрабрувачки. И јас се надевам дека така ќе врват работите. Дека конечно ќе заврши перпетуирањето на злото, дека веќе нема да има преки судови, дека обвинителите и судиите ќе бидат охрабрени да работат независно и според законите, дека политичките водства и извршната власт нема да се мешаат каде што не им е местото и дека така ќе се создадат предуслови за суштински реформи во правосудните институции, за добро владеење и за вистинска, а не декларативна борба против корупцијата.

„Разочараниве“ и „шокираниве“ многу да не си се занесуваат.

Оти, јас слушам дека можеби им се спрема нов шок. Од Стразбур.

А Стразбур си е Стразбур, нема што да ви објаснувам тука, што би рекол еден Ѓорге Иванов…

Поврзани содржини