Победникот ги собира крушите
Феноменот на партиски назначувања се разликува според обемот, но, сепак, е распространет ширум Европа, вклучувајќи ги, значи, и земјите, во прв ред скандинавските, кои се земаат како пример на успешна борва во ограничувањето на негативните ефекти на корупцијата, видени преку партиски договори во четири очи, зад затворени врати.
Финска, според повеќе меѓународни истражувања, се смета за најмалку корумпирана земја во светот. Но во последните години во Финска се води дебата околу реформи, кои, меѓу другото, би го опфатиле и назначувањето на генерални директори на јавни институции, а со што оваа скандинавска земја уште повеќе би ја зацврстила својата водечка позиција во глобални рамки, како држава со најниско ниво на корупција.
Политичките и партиските назначувања, како што упорно укажуваат критичарите во Финска, се во спротивност со уставот, управниот закон и законот за родова еднаквост, а не се во согласност и со министерските заклетви. Внатрешно партиските калкулации често ги обезвреднуваат експертските знаења и докажаната компетенција. Како резултат на тоа, се јавува недостиг од експерти во државната служба.
Поранешниот фински премиер, Сипила, во 2013 година јавно објави дека ерата на политичката култура на назначување – „за мене и тебе“ – требаше еднаш засекогаш да заврши. Во 2017 година беше воспоставено општо право на жалба на именувањата, но коалициската влада во Хелсинки го отстрани правото на жалба за високи позиции во државата. Веднаш се слушнаа остри критики дека со тоа интенција на владата всушност била да продолжи со оваа форма на јавна корупција, бидејќи не биле предвидени никакви казнени мерки.
Прашањето и понатаму е актуелно во Финска, каде што од неодамна е поведена граѓанска иницијатива за проширување на можностите за поднесување жалба при назначувањето на високи позиции во органите на државната администрација. Целта на иницијативата, која е окарактеризирана како тивок протест против злоупотребите на власта, е да се обезбеди широка граѓанска поддршка што ќе води кон нејзино разгледување и соодветен третман во Парламентот. Многумина сметаат дека Финска несомнено би станала најмалку корумпирана земја, кога ова прашање ќе се доведе до посакуваниот исход.
Што се однесува до Македонија, непречено продолжува донесување одлуки на Владата да именува в.д. директори на неколку десетици јавни институции, наместо да распише оглас и да избере директор со полн мандат, без оглед на критиките во јавноста за таквата практика. Право на жалба и оглас воопшто не се ни споменуваат, ниту, пак, дека некој надвор од круговите на владејачките партии, од опозицијата, би можел дури и да помисли на такво назначување. Новоизбраниот министер Стефан Андоновски мошне едноставно го објасни тоа, јавно поставувајќи прашање „дали треба да останат раководителите што ги девастирале институциите“?
Со други зборови, партијата која е победник на изборите знае кого да го избере и именува „одвнатре“, за да ги спаси и оживее институциите. Само заслужни партиски кадри доаѓаат предвид да бидат на чело на „определен број институции, каде недостатоците се толку сериозни така што би можела да настане непоправлива штета за македонските национални интереси“, смета Андоновски. Критериумите за квалификации, искуство и соодветна компетенција остануваат во втор план. Ќе бидат разгледани во некој нареден период.
Феноменот на партиски назначувања се разликува според обемот, но, сепак, е распространет ширум Европа, вклучувајќи ги, значи, и земјите, во прв ред скандинавските, кои се земаат како пример на успешна борва во ограничувањето на негативните ефекти на корупцијата, видени преку партиски договори во четири очи, зад затворени врати.
Во Шведска се зборува за моќта за назначување во кадровската политика, како централен инструмент за одржување на меритократијата и довербата во државната администрација. Еден од основните уставни закони, формата на владеење, пропишува дека владата ги назначува највисоките државни службеници. При државните вработувања „одлучувањето мора да се засновува само на објективни основи, како што се професионални заслуги, компетенција и вештини“. Партиската припадност не се истакнува во преден план.
Но тие одредби, како што во своите истражувања констатира либералниот тинк-тенк „Тимбро“ во Стокхолм, не биле почитувани во различни владини состави. Во периодот на шведската социјалдемократска влада од 2014-2020 година, на пример, речиси секој четврти назначен шеф во државната администрација, 40 од 173, бил политичар, а 22 од нив социјалдемократи, за кои, партиската припадност, се разбира, имала посебно значење.
Во извештајот на „Тимбро“ се укажува дека праксата владите да се назначуваат членови на партија на високи позиции во општеството без транспарентност, и без огласи, се коси не само со уставните и законски одредби, туку и со меѓународно преземените обврски. Во 2007 година, Шведска ја ратификуваше Конвенцијата на ОН против корупцијата, со која земјите потписнички се обврзуваат да воспостават транспарентни процеси за назначување владини функционери и да развијат суштински регулативи за тоа како да се врши изборот. Правилата мора да се засноваат на објективни критериуми, да го обесхрабруваат судирот на интереси и да овозможат надворешна ревизија да промовира меритократија и добро владеење.
Европската комисија редовно ја критикува праксата на злоупотреби и партиски влијанија, а кога се во прашање источноевропските членки, бивши комунистички земји, загриженоста добива посебно големи размери. Актуелната полска влада го започна процесот на отстранување на законските одредби кои претходната владејачка полска конзервативна партија Право и правда ги воведе за да оствари контрола врз судството и државните медиуми. Брисел пред неколку години со голема иритираност се спротивстави и на воведувањето на декрет во Романија, со кој романската влада сакаше да ги ублажи антикорупциските закони и да ги промени правилата за назначување на високи обвинители.
И Македонија во 2007 година ја има ратификувано Конвенцијата на ОН против корупцијата, која претставува единствен обврзувачки глобален анти-корупциски меѓународен инструмент. Но прашање е во колкава мера се посветува внимание на нејзината имплементација, за да не остане главно како мртво слово на хартија, отстапувајќи им место на процесите на сраснување на партијата со државата.
Обично се вели дека кој седел под круша, круша ќе јаде. Тоа, – во однос на сфаќањата на меѓународните рангирања на земјите според перцепцијата на нивото на корупција, – веројатно не би требало да се толкува како потурање на непотребна доза на цинизам во овој контекст. Но, сепак, добро проверената постизборна пракса во Македонија покажува дека победникот едноставно собира се. И тоа не само зрелите круши, туку и скапаните, кои паднале и ја ослободиле гранката од својата тежина.
Тие што упорно и беспоговорно ги бранеле партиските бои добиваат награда и функции. Останатите, кои акумулирале експертски знаења и компетенции, но не ја приоритирале како врвен принцип припадноста кон Партијата, и навреме не се снабдиле со соодветни партиски книшки, ќе почекаат на некој нареден изборен циклус. Доколку во меѓувреме не се иселат.