ПОБЕДАТА НА НАВРОЦКИ ЗНАЧИ ОТФРЛАЊЕ НА БРИСЕЛ Марин Ле Пен го пофали новиот претседател на Полска
Победата на Навроцки е отфрлање на бриселската олигархија, која има намера да наметне стандардизација на законодавството врз земјите-членки, спротивно на секоја демократска волја, рече таа во порака објавена на Икс.
Лидерката на крајно десничарската партија Национален собир, Марин Ле Пен, во понеделник виде „добри вести“ во тесната победа на кандидатот Карл Навроцки на претседателските избори во Полска.
„Соочена со Европската комисија чии авторитарни политики и федералистички амбиции го брутализираат националниот суверенитет, победата на Карол Навроцки на претседателските избори во Полска е добредојдена вест. Тоа е отфрлање на бриселската олигархија, која има намера да наметне стандардизација на законодавството врз земјите-членки, спротивно на секоја демократска волја“, рече таа во порака објавена на Икс.
Реакцијата на Ле Пен доаѓа во момент кога неколку европски лидери му честитаа на новоизбраниот полски претседател. Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто рече дека изборот на Навроцки носи „нова победа за (европските) патриоти“.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен му честиташе на Навроцки изразувајќи увереност дека ЕУ ќе ја продолжи својата „силна соработка“ со Полска.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во понеделник го повика својот нов полски колега на соработка „врз основа на владеење на правото“, иако Навроцки се заканува дека ќе го заостри својот став кон Берлин и кон Брисел.
Во вториот круг од изборите вчера Полјаците го избраа 42-годишниот Карол Навроцки за свој нов претседател, историчар со хулиганско минато, претседател на Институтот за народно сеќавање, поранешен боксер, чија политичка инспирација е американскиот лидер Доналд Трамп и движењето МАГА.