ПО ЗИМСКО ВРЕМЕ „РЕНОТО“ БИЛО ВО СКОПЈЕ ПОСЛЕ ПОЛНОЌ, А ПО ЛЕТНО ВО ВЕЛЕС Натегања за секој доказ меѓу Палевски и обвинителките

Обвинителките на минатото рочиште рекоа дека времето на камерите од куќата на Манев не е реално, односно покажува еден час нанапред, а реално е еден час наназад, затоа што Манев не извршил промена од летно во зимско сметање на времето.

1,947

Првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, Љупчо Палевски денеска во судот тврдеше дека е несериозно тоа што обвинителките при изведувањето на дополнението на докази за еден час го смениле времето кое се гледа на снимките направени во дворот на обвинетиот Велибор Манев во Велес.

Палевски даде приговор на изјаснувањето на обвинителките во врска со ЛПР-извештајот за тоа каде се наоѓало возилото „рено кангу“ вечерта на 21 ноември 2023 година. Во извештајот е наведено дека „реното“ било во Скопје на 22 ноември, 15 минути по полноќ, а обвинителките тврдеа дека во тоа време „реното“ било пред куќата на Манев во Велес. Но, кога Палевски рече дека навистина 15 минути по полноќ бил во Скопје, обвинителките на минатото рочиште рекоа дека времето на камерите од куќата на Манев не е реално, односно покажува еден час нанапред, а реално е еден час наназад, затоа што Манев не извршил промена од летно во зимско сметање на времето. Палевски приговараше дека не може на веќе изведен доказ, дополнително да се менува времето.






На рочиштето кога го изведуваше доказот обвинителката Ана Стојкоска Димитровиќ рече дека Палевски и Кешишев тргнале со „рено кангу“ од Велес кон Скопје во 00.13 часот и не рече дека тоа време што се гледа на камерите не е реалното време. Тоа дека Манев не го сменил летното сметање на времето во зимско, за прв пат беше споменато при распитот на Манев, а на последното рочиште обвинителката целосно ги смени презентираните времиња од видеата од пред куќата на Манев. Таа рече дека Палевски и Кешишев, всушност, тргнале во 23 часот и нешто кон Скопје и до 00.15 стасале и биле снимени од камерата на Безбеден град кај нова железничка станица.

– Пред да дополнам докази, да дадам приговор. На минатото рочиште побарав да приговарам на ЛПР-извештајот, но рочиштето прекина и ми беше оневозможено да дадам приговор за доказот ЛПР-извештај, кој е изготвен на 1 декември. Извештајот го известил одделот на МВР Безбеден град, а во врска со возилото „рено кангу“. Приговорот се однесува на образложението што го даде Јавното обвинителство, во врска со зимско и летно сметање на времето, заборавајќи притоа, дека доказот е веќе изведен, мислам на видеата од дворот на Велибор Манев, но, сега се обидува да го негира сопствениот доказ, вештачење, кое дополнително со решение на суд беше внесено како доказ во постапката – рече Палевски.

Тој рече дека првиот доказ што го предлага е во директна корелација со доказите на Обвинителството во дополнителната постапка, во врска со видеата на Манев, дека не било реално времето.

– На судот му доставувам податок од веќе изведен доказ, извештај од Телеком, каде на 21.11.2023 година во 18.20 часот има СМС-порака, по две секунди уште една СМС порака и трета порака во 20 часот. Тоа се пораки за паркирање на „фиат добло“ бела боја, а не на „рено кангу“. Овој извештај од Телеком го предагам на околност поместување на времето во видеото од дворот на Манев. Тоа значи дека јас сум пристигнал пред вратата во 21 часот, а не во 22 како што е вештачено и беше презентирано на тоа видео. Проблемот на ЈО е што овие пораки не се на Град Скопје, туку на Општина Центар, со таблици ск 22 69 ар „фиат добло“. Најмалку 15 минути ми требаат да стигнам до штабот на партијата, да го оставам „доблото“, да се препаркирам, да облечам шушкавец тренерки адидас и да тргнам кај Манев. За 35 минути е невозможно да бидам на 21 ноември во тоа време пред куќата на Манев, особено што според обвинението сме се движеле по стар пат кон Велес. Затоа поместувањето на времето во веќе изведен доказ, кој е вештачен од МВР форензика, а за кој судот донесе решение дека се гледа лицето на Палевски, да се менува времето со слободно толкување во дополнителна постапка, е несериозно. И е сосема спротивно од вештачењето кое го изведовте како доказ. Го предлагам овој извештај од Телеком, заедно со фотографии од мобилен телефон, а се работи за кривична пријава која сум ја добил на телефон, против Зоран Заев и Оливер Спасовски, за која говорев кога давав исказ. Ова е поткрепа на она што го говорев за тоа што сум правел вечерта на 21.11.2023 година, во периодот додека се наоѓам во видеото на ОЈО од куќата на Манев – рече Палевски.

Обвинителките се спротиставија да се изведат СМС пораките за паркирањето на „фиат добло“.

– Ирелевантно е за кривично-правниот настан како што беше образложено од обвинетиот. Со истото сака да се побие времето на пристигнување на „реното кангу“ во Велес, па токму од причина што СМС-ите се однесуваат на „фиат добло“, а не на „рено кангу“, сметаме дека не е релевантно. Особено што Обвинителството веќе изведе доказ дека при подготовките во Велес обвинетите не користеле мобилни телефони туку радио-врски – рече обвинителката.

Судот прифати да се изведе доказот.

Следен доказ на истата околност што го предложи Палевски е извод од одземена Виза бизнис картичка во КПУ Затвор Скопје на 20.50.2024 година од Халкбанка и извод од банка од истата картичка.

– Овој доказ е изведен, а користам податок дека на критичниот ден 22 ноември Палевски плаќа гориво на бензинска пумпа неколку минути по полноќ. Ова покажува лично моја активност, местоположба, плаќање гориво во Скопје, а не во Велес. Доказот кој беше изведен од Обвинителството, а се однесува на ова тврдење е анализа на мојата картичка до 2.12.2023 година, записник од увид во мојата сметка во Халк банка, кој почнува со податоци од 25.11.2023 до 02.12.2023 и се наведени сите трансакции на оваа картичка. Зошто Обвинителството проверува мои плаќања од 25 ноември, а не од 22 ноември, што е критичен ден? Тоа е мојот мотив овој доказ да му го посочам на судот, дека на 22 постои трансакција од моја картичка, на бензинска Макпетрол во Скопје – рече Палевски.

Обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска рече дека е доставена картичка на партијата Десна во Скопје, не лична картичка на Палевски.

– Истата картичка е предложена со листата на докази со обвинителниот акт од 31.05.2024. Тој доказ е веќе изведен, ако зборуваме за изведување. Обвинетиот зборуваше за лична картичка, на лично име, а ова што е доставено е на партијата – рече таа.

Судот донесе решение да се прифати овој предлог како дополнителен доказ.

Поврзани содржини