ПО ВИДЕОТО СО „БЕЛО“ ЌЕ МОРА ТЕСТ ЗА СТРУЧНОСТ Комората му наложи тримесечна обука на доктор Кузмановски

Докторот ќе мора да помине тримесечна обука и проверка на знаења пред повторно да добие лиценца за работа, додека институциите сè уште ги утврдуваат деталите за неговото однесување и стручност.

533

Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора го разгледала барањето на доктор Игор Кузмановски од Клиниката за неврологија за продолжување на лиценцата за работа и донела одлука – пред одобрување, тој ќе мора да помине тримесечна специјализирана обука под надзор на ментор, по што ќе биде подложен на испит за проверка на стручните знаења и способности.

Од Комората велат дека оваа мерка е донесена за да се гарантира заштитата на пациентите и интегритетот на лекарската професија. Законот за здравствена заштита, додаваат, јасно ги пропишува условите за издавање и обновување на лиценци, но во конкретниот случај нема судска пресуда или правен акт што би барал одземање на лиценцата, па затоа е воведен засилен механизам на контрола и едукација.






Паралелно со ова, во Комората се води и постапка поврзана со етичкото однесување на докторот. Од таму соопштуваат дека донеле јавна и остра морална осуда за неговото однесување, бидејќи со тоа ги нарушил етичките принципи и угледот на професијата.

– Очекуваме извештаи од комисиите формирани од Министерството за здравство и Клиниката за неврологија, кои треба да дадат поширока слика за стручната работа на докторот. Конечната одлука ќе ја донесеме по детална анализа на сите докази – велат од Лекарската комора.

Од Клиниката за неврологија велат дека комисиите што ги формирал в.д. директорот сè уште работат на случајот. Тие го испитуваат начинот на кој Кузмановски ги третирал пациентите во периодот кога немал лиценца, како и финансиското работење додека бил директор.

– Работата на комисиите е во тек и заклучоците ќе бидат доставени по завршувањето на надзорот. Државниот здравствен и санитарен инспекторат веќе утврди недостатоци во работата на Клиниката и издаде решение. За работата на докторот без лиценца ќе биде издаден прекршочен платен налог, согласно член 309 од Законот за здравствена заштита- велат од Министерството за здравство.

Врз основа на извештајот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, министерот за здравство Азир Алиу формирал и комисија за стручен надзор.

Лиценцата за работа, објаснуваат од надлежните институции, претставува јавна исправа што докажува стручна обученост за самостојна работа на докторот на медицина. Во Македонија сите лекари мора да имаат активна лиценца во зависност од нивната специјалност, која се издава на период од седум години.

Поврзани содржини