📷 ПО ВЕНЕЦУЕЛА, СЛЕДЕН Е ГРЕНЛАНД? Објави од кругот на Трамп ја вознемирија Данска

Апсењето на венецуелскиот претседател и пораки од блискиот круг на Доналд Трамп отворија стравувања дека Гренланд може да биде следната цел на американската надворешна политика.

855

Откако САД вчера го заробија венецуелскиот претседател Николас Мадуро, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата администрација ќе „ја води Венецуела“ сè додека не се спроведе транзиција на власта. Изјавата, како и самата воена интервенција, предизвика сериозна загриженост дека Трамп би можел да го насочи вниманието и кон други делови од светот.

Особено се зголеми загриженоста околу Гренланд – автономна територија во рамките на Кралството Данска – откако членови и поддржувачи на движењето МАГА на Трамп почнаа јавно да коментираат на социјалните мрежи за можноста островот да биде преземен од страна на САД.






Дополнителни тензии предизвика објавата на Кејти Милер, десничарска подкастерка и сопруга на Стивен Милер, заменик-шеф на кабинетот на Трамп задолжен за политика. Таа доцна синоќа на социјалната мрежа X сподели мапа на Гренланд прекриена со американско знаме и кратка порака: „НАСКОРО“.

 

Објавата, која следеше само неколку часа по американската воена операција во Венецуела и апсењето на Мадуро, во Данска беше оценета како провокација и потенцијална закана за анексија.

Данскиот амбасадор во САД, Јеспер Молер Серенсен, реагираше на објавата, нарекувајќи ја „пријателски потсетник“ за долгогодишните одбранбени односи меѓу двете земји.

– САД и Данска се блиски сојузници и треба да продолжат да соработуваат. Безбедноста на САД е и безбедност на Гренланд и Данска. Гренланд веќе е дел од НАТО – изјави Серенсен, додавајќи дека двете земји тесно соработуваат во Арктичкиот регион.

Тој посочи и дека во 2025 година Данска ги зголемила трошоците за одбрана за 13,7 милијарди долари, токму поради безбедноста на Арктикот и Северниот Атлантик.

– Очекуваме целосно почитување на територијалниот интегритет на Кралството Данска – додаде Серенсен.

Гренланд е автономна територија во рамките на Кралството Данска, членка на Европската Унија, со сопствена влада. Островот има исклучително стратешко значење – и за одбраната и поради потенцијалните минерални ресурси.

Трамп во повеќе наврати јавно изјавуваше дека САД „мора да го имаат Гренланд“, не исклучувајќи ја ни употребата на воена сила. Минатата година тој го назначи гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, за специјален пратеник за Гренланд.

Во саботата, Ландри јавно го поддржа и насилното соборување на Мадуро, оценувајќи дека Трамп „конечно презема вистински чекори во војната против дрогата“.

Минатата година, американскиот потпретседател Џ. Д. Венс ја посети американската воена база Питуфик во Гренланд и ја обвини Данска дека не прави „доволно“ за безбедноста на територијата.

– Гренланд им припаѓа на Гренланѓаните – изјави данската премиерка Мете Фредериксен, додавајќи дека Данска е отворена за разговори за американските интереси на Арктикот.

Фредериксен и премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, заеднички порачаа дека суверенитетот и границите на државите се темелат на меѓународното право.

– Не можете да анектирате друга земја, дури ни под изговор на меѓународна безбедност – порачаа тие.

Иако мнозинството од околу 57.000 жители на Гренланд сакаат независност од Данска, анкетите покажуваат дека не постои поддршка за приклучување кон САД. Гренланд има право еднострано да прогласи независност од 2009 година.

Поради сè почестите закани, данското воено разузнавање минатиот месец за првпат ги означи Соединетите Американски Држави како безбедносен ризик – потег што се оценува како драматична промена во трансатлантските односи.

Џенифер Кавана, директорка за воена анализа во тинк-тенкот „Приоритети за одбрана“, предупреди дека заканите на Трамп повеќе не можат лесно да се игнорираат.

– Веќе не е јасно кој би можел да ги спречи САД да испратат неколку стотици или илјадници војници во Гренланд – изјави Кавана.

Поврзани содржини