По утринската визита, само Господ на помош во ковид-центрите
Вработени на клиниките кои во последниве недели експресно станаа ковид центри, сведочат дека на овие клиники владее тотален хаос, дека никој не знае што да прави, дека болните молат и викаат за помош, дека кашлаат и плукаат крв, а дека нема кој да им помогне. Таму и болните и вработените се во паника, едните знаат дека не се за таму да лежат, а другите дека не учеле за да ја лекуваат таа патологија.
Еднаш во денот на утринска визита тим од лекари во кој има вклучено инфектолог, пулмолог, анестезиолог и интернист прави проценка за состојбата за заболените пациенти кои се хоспитализирани во ковид-центрите и ја ординира потребната терапија, велат од Министерството за здравство на прашање на Плусинфо кој ги следи пациентите со ковид во одделите прилагодени на другите клиники, од каде доаѓаат лекарите за да ги прегледаат и да ги следат пациентите и на колку време.
После тоа во текот на целиот ден, пациентите се препуштени на грижата на медицинските сестри од соодветните клиники на кои се сместени. Вработени на клиниките кои во последниве недели експресно станаа ковид центри, сведочат дека на овие клиники владее тотален хаос, дека никој не знае што да прави, дека болните молат и викаат за помош, дека кашлаат и плукаат крв, а дека нема кој да им помогне. Таму и болните и вработените се во паника, едните знаат дека не се за таму да лежат, а другите дека не учеле за да ја лекуваат таа патологија.
Ако немате воздух, дувајте балони
Пред некој ден објавивме сведоштво на скопјенец кој заедно со уште четворица пациенти сместени на Инстутутот за белодробни заболувања, самоиницијативно го напуштиле лекувањето поради лоши услови. Скопјанецот сведочи дека хаосот оди дотаму што откако еден пациент ќе ја напушти болницата и друг ќе легне во истиот кревет, сестрите му ја даваат терапијата пропишана за претходниот пациент, бидејќи во меѓувреме не дошол лекар да го прегледа новиот пациент и да му пропише соодветна терапија.
Медицинска сестра од една интерна клиника која во еден дел е пренаменета во ковид-ценар, на една група на Фејсбук посведочи дека дошол анестезиолог да ги посети болните. Замислете, каква грижа?!
„Дојде анестезиолог, правеше визита кај нашите пациенти, кои се ковид позитивни. Еве ви споделувам многу корисен совет – на сите кои се стабилни болни со добра сатурација, им препорача да дуваат балони како физикална терапија за да ги разбудат белодробните крила и да дишат полесно“, напиша оваа сестра.
И покрај ваквите сведоштва, Министерството за здравство уверува дека со овој начин на лекување, секој пациент ја добива потребната грижа првично од страна на лекарите, а понатаму и од страна на медицинските сестри и останатиот персонал кој работи со ковид-19 заболените.
– Сите одделенија низ државата во кои се лекуваат пациентите, имаат обезбедено медицински тим составен меѓу другите и од инфектолог, пулмолог, анестезиолог и интернист кои се достапни за утврдување на дијагноза и третман на болните. Секоја установа располага со различен број кадри од овие гранки. Секое утро во тек на визитата од страна на тимот на лекари има вклучено инфектолог, пулмолог, анестезиолог и интернист и сите прават проценка од страна на својата експериза на состојбата за заболените и ја ординираат потребната терапија. Со овој начин на лекување, секој пациент ја добива потребната грижа првично од страна на лекарите, а понатаму и од страна на медицинските сестри и останатиот персонал кој работи со ковид-19 заболените. Воспоставен е систем на ротации на здравствените работници помеѓу клиниките и истиот функционира во одделите прилагодени за ковид пациенти – велат од Министерството за здравство.
Оттаму не одговорија на прашањата на Плусинфо дали квалитетот на здравстената нега во одделите прилагодени за ковид пациенти на другите клиники е ист како тој на Инфективната клиника и дали ги има истите лекови, како и на прашањето што се случува ако се влоши состојбата на некој пациент сместен на овие оддели – од каде и за колку време доаѓа лекар на помош?
И пациентите и болниците врз грбот на матичните
На социјалните мрежи пациенти сведочат за лични пријатни и непријатни искуства со нивните матични лекари во процесот на лекување од вирусот ковид-19. Факт е дека матичните лекари играат клучна улога во почетните стадиуми од лекувањето на пациентите со ковид-19 и дека врз нив е паднат целиот товар за проценка на состојбата на пациентот и за негово проследување во терцијалното здравство. Во синџирот на лекување тие се одредени како филтер кој треба да ги заштити од наплив болничките капацитети, а од друга страна да им помогне на пациентите да дојдат до најдобра здравствена нега.
Додека некои се фалат од своите матични, и велат дека ги примаат на преглед, дека им се јавуваат два пати на ден за да ги проверат, им креваат телефон и за празник и за викенд, има и такви кои се жалат дека матичниот не им крева телефон, па дека се приморани да одат во ординација. А кога ќе отидат таму, матичниот им се развикува зошто дошле, дека им ги загрозуваат здравјето, дрско ги брка од ординација не услужувајќи ги ниту со упат, ниту со совети.
– Мојата матична ме следи 20 години. Не можев да ја добијам на телефон воопшто. Три пати ме врати од ординација каде морав да отидам заради упат. Најстрашно беше што по неколкудневна висока температура кога ми се влоши состојбата и таа се согласи да повика Итна помош, откако ме праша дали имам договорено преглед со инфектолог во една државна болница и јас и одговорив „не“, таа, замислете ми ја откажа Итната помош. На крајот, самата со возило и со висока температура отидов право во болница на преглед и си реков што сака нека биде – сведочи една скопјанка.
Граѓаните се револтирани што матичните лекари, како што велат, живеат како бубрези во лој, примајќи највисоки месечни капитации и дека запишаните пациенти, а многумина од нив со години не одат на лекар поради тоа што немаат таква здравствена потреба, кога еднаш ќе им затреба помош од матичниот тој затајува со услугата. Некои дури предлагаат откако ќе заврши војната со вирусот да се иницира откажување на услугите на оние матични лекари поради чија нечовечност страдале пациентите.
Како ништо да не се случува и како да не се запознаени со целиот хаос што го урива здравствениот систем во моментов, на прашањето дали има протокол или правилник, кој ги одредува обврските на матичниот лекар кон ковид-позитивен пациент од Министерството за здравство, спокојно одговараат:
– Протоколите за третман се со медицинска терминологија и ги даваат насоките за лекување на ковид позитивни и суспектни пациенти и во исто време ги утврдуваат параметрите според кои болниот треба да се лекува дома или да се препрати на болничко лекување. Тоа е еден вид медицинска патека базирана на т.н. медицина на докази која е преземена од светските протоколи и адаптирана на нашите услови.
И додека меѓу првите симптоми од инфекцијата со ковид-19 се губењето вкус и мирис, во последниве недели на сите слухот ни се истенчи – по неколку пати во денот ги слушаме вознемирувачките звуци на возилата на Итната помош за кои веќе знаеме дека бараат спас за уште една тажна приказна.