ПО ЈСП И ПРИВАТНИЦИТЕ ЈА МОЛАТ ВЛАДАТА Јовановски вели дека превозниците трпат огромни штети поради скапиот метан
Доколку не се пронајде решение, Јовановски вели дека е потребно Владата да интервенира со одредени активности или субвенции што ќе им помогнат да ја совладаат оваа состојба.
Приватните превозници во Град Скопје се соочуваат со економска штета и нормално функционирање, а како причина за тоа го наведуваат покачувањето на цената на метанот. Поради тоа првиот човек на приватното претпријатие „Слобода превоз“, Ленин Јовановски потенцираше дека неопходно е Владата да интервенира со одредени активности или субвенции што ќе им помогнат да ја совладаат оваа состојба.
– Во моментов, кон добавувачите на метан и нафта имаме долг од 43,5 милиони денари. Ниту за време на пандемијата не сакавме да организираме протести, бидејќи го имавме предвид актуелниот момент, не сакавме дополнително да ги оптоваруваме граѓаните и да ја прекинеме работата. Одевме на помал отпор, се обраќавме со писма, вербални притисоци, но за жал ништо од тоа не беше прифатено, никаква комуникација немавме за да го решиме тој проблем. Единствено ни остана приватните превозници да се задолжуваат кај добавувачите и да подигнат кредит, за да можат да ја извршат услугата што одговорно ја преземале во интерес на граѓаните – рече Јовановски на прес-конференција.
Од тој аспект, Јовановски вели дека покачувањето на метанот е само едно од низата состојби што прават економска штета и го нарушуваат нормалното функционирање на превозот. Како приватни превозници, тие имаат одреден Буџет што го добиваат од Град Скопје, а се заснова на исплата по изминат километар.
– Согласно истражувањата што ги направив не наидов во друга држава, барем не во Европа и соседството да има толкаво процентуално зголемување, иако знаеме дека на светската берза е постигната висока цена. Претпоставувам дека покачувањето не е како кај нас, затоа што претпоставувам дека државите преземаат одредени мерки за да го ублажат ценовниот шок што се случува – вели директорот на „Слобода превоз“.
Јовановски посочи дека приватните превозници располагаат со 21 автобус на ЦНГ метан, додека Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје располага со 33.
– Ако го земеме процентот на учество во јавниот превоз, каде што тие преовладуваат со 70 проценти, а ние со 30 отсто, ќе видиме дека кај нас тоа ќе се одрази многу повеќе со оглед на тоа што имаме дупло повеќе автобуси, споредбено на обемот на работа што го извршуваме во јавниот превоз и ако истиот кај нив постои како проблем, за којшто треба да се најде решение, кај нас е многу поголем – вели тој.
Доколку не се пронајде решение, Јовановски вели дека е потребно Владата да интервенира со одредени активности или субвенции што ќе им помогнат да ја совладаат оваа состојба.
Помош од Владата минатата недела побара и ЈСП „Скопје“ бидејќи 33 МАН автобуси кои беа набавени пред две години возат на метан. Досега претпријатието за гориво за еколошките автобуси трошело околу 1 милион евра годишно, а со новата цена ќе му требаат над 2 милиони евра.
Од Владата на барањето на ЈСП „Скопје“ одговорија дека помош треба да бараат од Град Скопје под чија надлежност е претпријатието.