ПО СИЛНИ РЕАКЦИИ АХМЕД ЈА ПОВЛЕЧЕ КАНДИДАТУРАТА ЗА ЧЛЕН НА КОМИСИЈА Не ги исполнувала условите и немала искуство во областа недискриминација

1,423

По реакциите во јавноста по претставувањето во Собранието на кандидатката Џихан Ахмед за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, таа ја повлече кандидатурата. Информацијата ја потврдиле за МИА од Коалицијата Вреди.

Најгласни во забелешките за кандидатурата на Ахмед беа од Мрежата за заштита од дискриминација, од каде побараа Собранието да не ја избере бидејќи како што посочуваат во нивното соопштение, таа не ги исполнува законските услови предвидени во Законот за спречување и заштита од дискриминација, односно нема ниту една година работно искуство од областа на човековите права, и особено во областа на еднаквост и недискриминација.






Иако се претстави како магистер по меѓународно право и настапи со намера да ја образложи својата мотивација и компетентност во областа на човековите права, Ахмед за време на расправата не успеа да покаже основно познавање на Истанбулската конвенција – клучен меѓународен документ за заштита на жените од родово-базирано насилство и дискриминација.

На директни прашања од претставници на граѓанските организации за суштината, механизмите и обврските што произлегуваат од Конвенцијата, таа не даде конкретни правни одговори, туку говореше за Истанбул како град и за историскиот период на Мустафа Кемал Ататурк, што беше оценето како несоодветно и алармантно за кандидат за ваква позиција.

Уште пред да биде избрана за член на Комисијата, Ахмед преку социјалните мрежи му се заблагодари на Изет Меџити, лидер на една од партиите во коалицијата Вреди, иако Комисијата е натпартиско тело и не треба да се поврзува со ниту една политичка партија.

Покрај Ахмед, номинирани се и Лимко Бејзароски и Наташа Амдију.

Поврзани содржини