ПО РУТЕ, И КАЛАС ГО ОЛАДИ СОНОТ ЗА ЕВРОПСКА АРМИЈА Високата претставничка не може да замисли создавање „паралела на НАТО“

Секоја европска земја има армија, а армиите на 23 земји се исто така дел од структурата на НАТО, така што не можам да замислам дека земјите ќе формираат посебна европска армија, изјави шефицата на европската дипломатија.

0

Сомнежот за „европска армија“ повторно се крена во Брисел. Шефица на европската дипломатија Каја Калас оцени дека создавање посебна војска на ЕУ е тешко замисливо, затоа што европските држави веќе имаат армии, а поголемиот дел од нив се вградени во НАТО-структурите.

– Секоја европска земја има армија, а армиите на 23 земји се исто така дел од структурата на НАТО, така што не можам да замислам дека земјите ќе формираат посебна „европска армија“. Значи, тоа мора да бидат армиите кои веќе постојат, па мораме да видиме како тоа функционира во практика – изјави Калас пред состанокот на министрите за надворешни работи.






Таа додаде дека во воениот систем мора да постои јасна и недвосмислена командна структура и дека создавањето паралелни тела само би ја заматило сликата за тоа кој носи одлуки во кризни ситуации.

Калас повтори дека Русија мора да биде притисната за да седне на преговарачката маса. Високата претставничка изрази сомневање дека Русија сериозно сака мир, имајќи предвид, како што вели, дека на последната рунда преговори во Абу Даби биле испратени воени лица.

„Можете да сонувате за посебна војска“

Претходно неделава генералниот секретар на НАТО Марк Руте изрази сериозен сомнеж за формирање одделна европска армија.

– Можете да сонувате дека Европа може сама да се одбрани без помош од САД – им рече Руте на европратениците.

Неговата изјава дојде во период на зголемени тензии околу Гренланд и интересот на американскиот претседател Доналд Трамп, што повторно ја отвори дебатата за европската стратешка автономија.

Идејата за 100.000 војници ја раздвижи Унијата

Дебатата се засили по изјавата на европскиот комесар за одбрана Андриус Кубилиус, кој на почетокот на јануари повика Европската Унија да размисли за воспоставување постојана сила од 100.000 војници и за темелна реформа на политичките процеси што ја управуваат одбраната.

Предлогот отвори сериозни прашања за надлежностите, командувањето и односот со НАТО, особено во услови на зголемени безбедносни тензии во Европа.

Украина како тест за сериозноста на Москва

Калас се осврна и на мировните напори поврзани со Украина и оцени дека Русија не покажува сериозна подготвеност за договор, имајќи предвид дека на последната рунда разговори во Абу Даби од руската страна биле присутни само воени лица, кои, според неа, немаат мандат да се договорат за ништо што би било дефинитивно.

Поврзани содржини